Skip to main content

Заокружен последениот циклус работилници за подготовка на Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија – НПАА 2027–2030

Денес го заокруживме третиот и последен циклус работилници за подготовка на Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија – НПАА 2027–2030, објави Викторија Трајков на Фејсбук.
Во изминатите три месеци, низ три фази и вкупно 15 работни денови, повеќе од 250 претставници на институциите, членови на работните групи и експерти заеднички работеа на дефинирање на реформските обврски, мерките, надлежностите и роковите за нивно спроведување.
Во моето обраќање ја истакнав важноста на НПАА како заедничка стратешка и оперативна рамка на сите институции, усогласена со обврските од скринингот, препораките на Европската комисија, Реформската агенда и процесот на пристапување кон ЕУ.
Пред нас следува финалната фаза – консолидација и финализирање на документот, со цел до декември да го доставиме до Владата за усвојување.
Упатувам искрена благодарност до сите институции, членови на работните групи и експерти за нивната посветеност и професионален придонес, како и до UNOPS, Швајцарија и Шведска, како и проектот SUPRAE и Цветанка Кузмановска за значајната поддршка во овој процес.
Верувам дека со заедничка одговорност, координација и посветеност ќе подготвиме квалитетна и применлива програма, која ќе биде важен инструмент за спроведување на реформите и напредокот на нашата земја кон членство во Европската Унија.
Европската интеграција е заедничка цел, а реформите се наша заедничка одговорност, напиша Трајков.

Поврзани вести