
Во Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул во среда, на 2 декември во 19 часот, ќе се отвори изложбата „Триптих на светлината“. На неа се претставуваат сликарката Ана Митевска, скулпторот Филип Фидановски и фотографката Александра Костадиновска, со петнаесет дела.
Изложбата е курирана од Јасминка Намичева како еден симболичен триптих. Сликарството на Митевска ја носи внатрешната светлина, зората на емоцијата. Керамичките скулптури на Фидановски, во порцелан и злато, се нејзиното пладне, моментот кога светлината добива тело. Фотографиите на Костадиновска, снимени на патувања низ Европа, се зајдисонцето — светлината што заминува, но останува во меморијата.
„Светлината не ја брише темнината; таа ја преобразува“ — оваа мисла ги поврзува трите уметнички гласа во патување од интимното кон универзалното. Изложбата е дел од промоцијата на современата македонска уметност во Турција, со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Македонија.
По повод изложбата е објавен двојазичен каталог на англиски и турски јазик.

Македонски



