Skip to main content

Отворање на меѓународната изложба „Сè што ни е заедничко: Животните не се таму некаде“ во МСУ

Утре (28 ноември 2026 година), во 13 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена меѓународната изложба „СÈ ШТО НИ Е ЗАЕДНИЧКО: ЖИВОТНИТЕ НЕ СЕ ТАМУ НЕКАДЕ“, во кураторство на Мира Гаќина и Јованка Попова.

Изложбата „Сè што ни е заедничко: Животните не се таму некаде“ преку дела на меѓународни и македонски уметници ги истражува сложените односи меѓу луѓето и животните, со кои ги споделуваме нашите средини, истории и иднини. Изложбата тргнува од сознанието дека животните никогаш не биле надвор од човечката историја. Тие биле учесници во војни, инструменти на политичка моќ и дипломатија, симболи на национални идентитети, жртви на експлоатација и насилство, но и придружници, соработници и суштества со кои развиваме длабоки емоционални врски.

„Со оваа изложба сакаме да го преиспитаме начинот на кој ги гледаме животните и местото што им го доделуваме во светот. Нивното присуство во нашите животи е многу посложено од поделбата на домашни и диви животни, миленици и животни за употреба. Тие се дел од нашите политички истории, културни претстави и секојдневни односи, но ретко ги препознаваме како суштества со сопствени искуства и потреби. Изложбата е обид да се поместиме од погледот во кој човекот е единствената мерка за вредноста на животот и да размислуваме за можностите за поинакви односи на грижа, одговорност и заедничко живеење“, истакнуваат Мира Гаќина и Јованка Попова, кураторки на изложбата.

Изложените дела откриваат како односите меѓу луѓето и животните се испреплетени со пошироките механизми на политичка и општествена моќ.

Во фотографската серија „Каубој“, палестинскиот уметник Осама Затар ги преиспитува претставите за херојството, машкоста и вооружената моќ, прикажувајќи го животното како тело врз кое се пренесува тежината на човечките конфликти. Роман Селим Хередин, пак, се осврнува на судбината на животните во зоолошките градини на Западниот Брег и во Газа, отворајќи прашања за затворањето, окупацијата и условите на живот и смрт.

Олја Триашка Стефановиќ преку архивски истражувања ја разгледува улогата на животните во дипломатијата за време на Студената војна, кога кучиња, панди и други животни станувале инструменти на меѓународните односи и политичката пропаганда.

Во книгата „Во џунглата има многу работа“, создадена во затвор во Уругвај во 1971 година, Маурисио Гати преку приказна за животни што се организираат за да избегаат од зоолошка градина зборува за политичката репресија, слободата и колективниот отпор.

Други дела ги истражуваат телесната ранливост што ја споделуваме со животните, нивната улога во обликувањето на историската меморија, како и можностите за комуникација и блискост надвор од човечкиот јазик. Во серијата кратки филмови „Аби Палмер го измислува времето“, уметницата Аби Палмер се обидува да им ги доближи годишните времиња на своите домашни мачки преку сетилни искуства, движење и игра.

Посебно место во изложбата имаат и делата на македонските уметници Јане Чаловски, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ, Клелија Живковиќ, Крсто Глигорјадис, Изабела Љевенска и Илија Прокопиев, кои низ различни уметнички пристапи го прошируваат разговорот за односите меѓу човечкиот и животинскиот свет.

На тој начин, изложбата ги поставува животните не само како мотиви во уметноста, туку како суштества чие постоење открива важни прашања за моќта, слободата, насилството, приврзаноста и границите на човечката емпатија.

Иако изложбата опфаќа различни географски, политички и историски контексти, таа е непосредно поврзана и со секојдневната реалност во Скопје. Присуството на бездомните кучиња и други животни во градот ги открива противречностите во нашиот однос кон животот што го споделуваме со нив. Додека сè повеќе граѓани и организации вложуваат напори во нивната заштита, животните и понатаму се изложени на занемарување, насилство и институционална негрижа.

„Начинот на кој се однесуваме кон животните открива многу за нашето општество и каде почнува и завршува нашата солидарност. Не сакаме изложбата да биде само критика на насилството и експлоатацијата, туку и можност да размислуваме како грижата може да стане конкретна општествена и институционална практика. Музејот на современата уметност – Скопје и самиот веќе се грижи за две кучиња, кои станаа дел од неговото секојдневие. Овој навидум мал пример покажува дека грижата за животните може да биде составен дел од животот и одговорноста на една културна институција. Истовремено, сè повидлива е свеста кај граѓаните за потребата од похуман однос кон животните, како и работата на бројни организации и неформални иницијативи што секојдневно се соочуваат со последиците од насилството, напуштањето и недоволната институционална заштита. Затоа, во рамките на изложбата музејот воспоставува соработка со организации што се грижат за животните, со желба заеднички да придонесат кон нивната работа и да поттикнат конкретни форми на помош и поддршка. Намерата е оваа соработка да не остане еднократна активност, туку да прерасне во долгорочна практика на солидарност и грижа, која ќе продолжи и по завршувањето на изложбата. Сметаме дека уметничките институции можат да бидат многу повеќе од места во кои се претставуваат и дискутираат општествени прашања. Тие можат да создаваат врски, да поттикнуваат соработка и да учествуваат во конкретни облици на заедничка одговорност. Токму затоа сакаме изложбата да биде почеток на нешто што ќе продолжи и надвор од музејскиот простор и по нејзиното завршување“, велат кураторките на изложбата.
Во рамките на изложбата, преку уметничката иницијатива на Изабела Левенска Миљаниќ, посетителите ќе имаат можност со секоја разгледница да дадат донација за кучињата за кои се грижи здружението „Шепасти ентузијасти“. Во изложбениот простор ќе биде претставена и галерија на фотографии од кучиња што бараат дом, преку која секој што сака да вдоми куче ќе може да се запознае со нив и да го започне процесот на вдомување.
Со цел да поттикне пошироко учество на граѓаните во грижата за бездомните животни, Музејот на современата уметност – Скопје ќе овозможи бесплатен влез за секој посетител што ќе донесе донација во форма на храна, конзерви, ќебиња или други потребни средства за кучињата за кои се грижат ЈП „Лајка“ и здружението „Шепасти ентузијасти“.
Изложбата обединува дела од различни генерации и уметнички контексти, вклучувајќи видео, фотографија, инсталација, цртеж, анимација, архивски материјали и публикации. Покрај дела на меѓународни уметници, претставени се и избрани дела од Колекцијата на солидарноста на Музејот на современата уметност – Скопје, како и дела на македонски уметници што се занимаваат со односите меѓу луѓето, животните и средините што ги споделуваат.
„Сè што ни е заедничко: Животните не се таму некаде“ се надоврзува на долгорочниот кураторски истражувачки проект „Сè што ни е заедничко“, започнат во 2018 година, кој низ серија меѓународни изложби ги истражува солидарноста, социјалната правда, политичката имагинација и алтернативните форми на заедничко живеење.

Поврзани вести