
40 ГОДИНИ СОБИРАВ…и ….СОБИРАВ !!!.
СЕГА Е ВРЕМЕ СОБРАНАТА МЕМОРИЈА И ФИЗИЧКИТЕ АРТЕФАКТИ ДА ДОБИЈАТ СВОЈ ВИСТИНСКИ ДОМ, напиша на социјалните мрежи Тошо Филиповски.
Сите веќе сте запознаени дека повеќе од 40 години собирам плочи, касети, ЦД-а, фотографии, плакати, фанзини, книги, списанија, снимки, документи, информации, приказни… парчиња од историјата на македонската музика.
Последните дваесетина години интензивно зборувам и пишувам дека на Македонија ѝ е потребен физички простор каде што таа историја ќе се собира, чува, истражува, дигитализира и ќе остане достапна за генерациите што доаѓаат по нас.
Сега, конечно, можам да кажам:
Почнуваме.
Во НУЦК „Бели Мугри“ – Кочани започнувам со практичната работа на поставување на „Македонскиот центар за современо музичко наследство“.
И почнуваме буквално – од празен простор.
Првата задача е поставувањето на Македонскиот Музички Архив. Просторот го имаме, но тој допрва треба најосновно да се опреми: архивски полици, ормари, работни маси, архивски кутии и папки, компјутерска и друга основна опрема потребна за безбедно чување, обработка и дигитализација на материјалите.
Паралелно, во изработка е специјализиран софтвер за создавање и управување со базата на податоци, во која архивскиот фонд ќе се евидентира, каталогизира, систематизира и поврзува со дигитализираните материјали.
Значи, имаме празен простор и многу работа пред нас.
Но имаме нешто многу поважно – децениска желба и решеност конечно да создадеме релевантен архив на современата македонска музика.
Затоа, од денес барам и пријатели на Архивот.
Компании, институции, донатори, спонзори, музичари, колекционери, организации и поединци кои можат и сакаат да помогнат.
Некој со полица. Некој со архивски кутии и папки. Некој со компјутер или скенер. Некој со друга опрема. Некој со услуга или знаење. Некој со неколку часа волонтерска работа.
Не е важно колкава е помошта. Важно е да почнеме да го градиме.
Во овој момент сум сам во секојдневната работа на поставувањето на Архивот, но ова не е и не треба да биде архив на еден човек.
Тој треба да им припаѓа на сите што ја создавале, документирале, следеле и ја сакаат современата македонска музика.
Јас можам да го започнам. Но вистински релевантен можеме да го направиме само сите заедно.
А користа од него нема да биде моја. Ќе биде за музичарите, истражувачите, новинарите, студентите, љубителите на музиката – и особено за генерациите што допрва ќе сакаат да откријат што се создавало овде пред нив.
Но за да го направиме тоа, ни треба и најважното – материјалот.
Она што јас сум го собирал четири децении е само еден дел од приказната.
Вистинската архива на македонската музика денес е расфрлана на илјадници места – по домовите на музичарите, фотографите, новинарите, организаторите, издавачите, колекционерите, фановите, но и кај луѓе кои можеби воопшто не се свесни дека она што со години го чуваат во некоја фиока или кутија има документарна вредност.
Затоа ве повикувам:
Ако чувате фотографија, плакат, билет, флаер, демо-снимка, касета, плоча, CD, фанзин, ракопис на песна, сет-листа, преписка, концертна снимка, видео, инструмент, сценски предмет, документ или нешто друго зад кое стои дел од приказната за македонската музика – јавете ми се.
Не мора ништо да подарите.
Материјалите можат да бидат отстапени на чување, позајмени за изложување или само привремено преземени за скенирање, фотографирање и дигитализација, по што оригиналите ќе им бидат вратени на сопствениците.
И не мора да имате никаков предмет.
Можеби имате само приказна.
И таа е важна.
Сеќавање на концерт. На бенд. На некоја одамна заборавена проба. На снимање. На клуб. На фестивал. На песна. На луѓе и настани за кои можеби денес не постои никаков друг запис.
И тоа е архив.
Очекувам ваши пораки и повици.
Ќе дојдам секаде каде што има нешто што треба да се преземе или забележи – макар тоа да е една фотографија, една стара касета или само нечие усно сведоштво што никогаш досега не било запишано.
Затоа што ако денес не ги собереме тие материјали и приказни, утре дел од нив едноставно повеќе нема да постојат.
А Архивот е само почеток.
Паралелно не престануваат активностите за останатите сегменти на „Македонскиот центар за современо музичко наследство“.
Наскоро треба да започне со работа и музичка библиотека, како уште еден сегмент од Центарот.
Продолжуваат и активностите за обезбедување домашни и меѓународни партнери и финансиски средства за реконструкција и опремување на просторот предвиден за идниот музеј.
Паралелно ќе работиме на дигитализација, истражување, прибирање материјали, создавање партнерства, изложби, издавачки и едукативни програми и многу други активности кои природно ќе се отвораат по пат.
Чекор по чекор.
Не сакам да создадеме магацин во кој минатото ќе го затвориме во кутии.
Сакам да создадеме жив Архив – место во кое македонската музичка историја ќе може да се истражува, слуша, гледа, чита, дополнува и повторно да се открива.
Место за музичарите што ја создавале оваа историја.
Место за луѓето што ја фотографирале, снимале, пишувале за неа, организирале концерти, издавале музика или едноставно биле таму.
И место за оние што допрва доаѓаат.
Почнуваме од празна просторија.
А треба да ја наполниме со повеќе од шест децении македонска музичка меморија.
Ќе треба време.
Ќе треба многу работа.
Ќе требаат многу луѓе.
Затоа – секој е добредојден.
Од Кочани.
За современата македонска музика.

Македонски


