
На 24 август во Лабораториум од 13 часот ќе се одржи дебата „Културната инфраструктура пред Европската престолнина на културата 2028“ во организација на фестивалот Македокс.
На дискусијата ќе се зборува за сериозниот недостиг на активни киносали и простори во кои филмот континуирано се прикажува и живее како културно искуство.
„Иако градот има активни фестивали, филмски автори и заинтересирана публика, можностите за редовно гледање квалитетна домашна, европска и независна кинематографија се ограничени.
Оваа дискусија отвора разговор за актуелната состојба на киноприкажувачката инфраструктура во Скопје и за чекорите што треба да се преземат за таа да стане посилна, подостапна и поодржлива. Што недостасува – киносали, јасна културна политика, инвестиции или подобра соработка меѓу институциите, независниот сектор и приватните иницијативи? Како да се создадат услови киното повторно да стане редовен дел од културниот живот на градот, а не исклучиво фестивалско искуство?
Во пресрет на 2028 година, ова е вистинскиот момент да се размислува за долгорочни решенија, а не само за привремени активности. Каква киномрежа му е потребна на Скопје? Дали постојните простори можат да се обноват и активираат? На кој начин европските модели можат да послужат како инспирација за развој на современа и достапна филмска инфраструктура?“ велат организаторите.
Дискусијата има за цел да понуди идеи, искуства и конкретни насоки за тоа како Скопје може да создаде подобри услови за прикажување филмови, развој на публика и долгорочен развој на кинокултурата, додваваат од Македокс.
На дебатата ќе учестуваат Звонко Наумовски — Шеф на операции, Фондација „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“ Билјана Лунга Филиповска — Советник за меѓународна соработка, евиденција и стратешко планирање, Агенција за филм на Република Македонија Маргарита Арсова — Уредничка на филмската програма, Младински културен центар (МКЦ) Дарко Набаков — Извршен директор, МакеДокс.
Модераторка на настанот е Марина Костова — Филмска критичарка и потпретседателка на ФИПРЕСЦИ

Македонски


