Skip to main content

Шарената џамија во Тетово ќе биде предложена за светско наследство на УНЕСКО

Шарената џамија во Тетово започнува процес за впишување на Тентативната листа на УНЕСКО, што е прв чекор кон подготовка на номинациско досие за нејзино прогласување за светско наследство.

Иницијативата ја покренаа Националниот конзерваторски центар и Исламската верска заедница – Тетовско муфтиство, а доби позитивно мислење и од Националниот совет за културното наследство.

За координација на почетните активности, министерот за култура и туризам Седат Сулејмани формираше работна група која ќе ја подготвува документацијата и ќе ги спроведува неопходните активности во процесот на номинација. Работната група ја координира Зоран Павлов, историчар на уметноста, виш конзерватор и експерт за османлиското културно наследство во Македонија. Во неа се и Цветанка Хаџи Пецова, Афет Јашари, Махмуд Емини, Луиза Невзати и Зарије Амдиу Реџеп, експерти од областа на архитектурата, конзервацијата и заштитата на културното наследство.

Шарената џамија е еден од најрепрезентативните споменици на исламската архитектура од XIX век во Македонија. Нејзиното уникатно ѕидно сликарство, со геометриски и флорални орнаменти, пејзажи и впечатливи бои, ја издвојува од другите верски објекти. Во нејзината архитектура и уметнички израз се преплетуваат европските барокни и рококо влијанија со традиционалната османлиска естетика, што ѝ дава особена културно-историска вредност.

Верскиот комплекс го дополнува и турбето од отворен тип, кое се наоѓа непосредно до џамијата и потекнува најдоцна од првата половина на XVI век, сведочејќи за долгата историја на комплексот.

Впишувањето на Тентативната листа е почетна фаза во процесот, а пред евентуалното прогласување за светско наследство ќе треба да се изработи и поднесе целосно номинациско досие.

Поврзани вести