
Радувај се народе!Повторно дојде Блек Фрајдеј! Одамна го чекаме овој викенд, убедени дека токму сега ќе си купиме парчиња облека и козметика по намалени цени, или ќе си уплатиме одмор со попуст. Адреналинот ја држи еуфоријата на високо ниво, а нас на низок старт, подготвени за лудилото наречено црн петок. Сепак обиколката на продавниците не враќа во реалноста, а најавените „намалени“ цени не приземјуваат, покажувајќи дека цените кои до вчера ги гледавме на некои производи или аранжмани, се качени дупло, за да сега со т.н. Блек Фрајдеј се божем намалени, но се уште повисоки од цените кои можеа да се регистрираат до минатата недела. Наместо вистинска можност за заштеда, „Блек Фрајдеј“ сè почесто се претвора во маркетиншка игра со цените, во која потрошувачите се доведуваат во заблуда со наводно огромни попусти. Наместо ден на вистински намалувања во продавниците, „Блек Фрајдеј“ се често постои само на рекламниот плакат.
Големите натписи, впечатливите реклами и ветувањата за попусти до 70 проценти ги мамат погледите на потрошувачите, скоро цел месец, под слоганот, не Црн Петок, туку Црн Месец. Натписите ги преплавија продавниците и онлајн-платформите, во обид да привлечат што поголемо внимание.Но и потрошувачите не пијат нафта. Се почесто прават споредба и проверување на цените пред и за време на акциските периоди, што за добар дел од потрошувачите е клучно за да откријат дали станува збор за реално намалување или за маркетиншка стратегија со која се наведуваат да купуваат, импулсивно и стихијно со изговор, и да не ми треба денеска, ќе го искористам утре производот. Проблемот е и во психолошкиот ефект на големите проценти. Потрошувачите, соочени со ограничени временски понуди, агресивна рекламна кампања, одбројувања и пораки дека остануваат само неколку парчиња, често носат импулсивни одлуки. Наместо да ја споредат реалната вредност на производот, се фокусираат на процентот на попуст, купувајќи без контрола, убедени дека ја направиле „зделката на годината“.
И додека луѓето се радуваат на божемните намалени цени, во пошироката слика може да се забележи дека лажните попусти влијаат на создавање лажна слика за пазарот и ја нарушуваат довербата на потрошувачите во трговците, што пак долгорчно влијае врз падот на потрошувачката.
Заради заштита на правата на потрошувачите, Државниот пазарен инспекторат започна со засилени контроли на трговците и попустите кои ги нудат, да утврдат дали намалувањата се вистински или само рекламен трик, но се наметнува прашањето дали надлежните институции имаат капацитет да се посветат на ова и да направат споредба на цените пред и за време на големите акциски кампањи. Дали се проверува дали наведените претходни цени навистина биле применувани и дали намалувањата се реални?Епилогот од контролите ќе покаже дали се најдени неправилности и дали навистина попустите се попусти или само мачкање очи.
Како и да е, потрошувачите имаат право на точни и транспарентни информации, а трговците имаат обврска рекламните тврдења да ги поткрепат со реални цени.
„Блек Фрајдеј“ не смее да биде параван зад кој ќе се кријат ценовни манипулации. Ако попустите се само добро спакувана илузија, тогаш единствените што навистина профитираат се оние што ја креираат таа илузија, а губат граѓаните.
На крајот, можеби најважното прашање не е колкав попуст пишува на излогот, туку колку навистина чини производот. Зашто, ако цената е речиси иста, тогаш не станува збор за попуст, туку за маркетиншка претстава во која потрошувачите ја плаќаат сметката. Со ваквите заблуди наместо вистински „Блек Фрајдеј“, граѓаните ризикуваат да добијат само црн петок за својот домашен буџет.
.

Македонски




