Skip to main content

Заедно кон инклузијата – градиме мостови, а не ѕидови

Во рамки на проектот „Заедно кон инклузија – градиме мостови, а не ѕидови“, поддржан од Министерството за односи меѓу заедниците, Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ реализираше активности насочени кон унапредување на инклузивното образование, еднаквоста, недискриминацијата и почитувањето на различностите.

Целта на проектот беше да се унапреди инклузивната училишна средина преку развивање на свесност, знаења и позитивни ставови кај учениците и наставниците за прифаќање, почитување и еднакво вреднување на различностите. Преку структурирани едукативни активности, проектот придонесува кон намалување на предрасудите, дискриминаторското однесување и говорот на омраза во училишната средина, создавајќи услови за еднакви можности за учество и развој на секој ученик.

Проектот се реализираше во пет мултикултурни општини: Тетово, Чучер Сандево, Старо Нагоричане, Гостивар и Струга, во следните основни училишта: ООУ „Братство – Мигени“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Светозар Марковиќ“, ООУ „Единство-Башкими“ и ООУ „Браќа Миладиновци“.

Во текот на октомври и ноември 2026 година беа реализирани вкупно 10 едукативни работилници – пет со ученици од V до IX одделение и пет со наставници и членови на инклузивните училишни тимови. Со проектните активности беа опфатени 156 ученици и 145 наставници, кои преку интерактивни активности, практични вежби, дискусии и размена на искуства имаа можност да ги продлабочат своите знаења и разбирања за инклузијата.

Работилниците со учениците беа насочени кон развивање емпатија, разбирање и прифаќање на различностите, како и препознавање на исклучувањето и дискриминацијата. Посебно внимание беше посветено на разбирањето на предизвиците со кои се соочуваат учениците со попреченост, значењето на асистивната технологија и правото на секое дете да биде рамноправен дел од училишната заедница.

Паралелно, работилниците со наставниците и членовите на инклузивните училишни тимови беа насочени кон зајакнување на нивните капацитети за препознавање на образовните потреби и бариери, примена на индивидуализирани наставни пристапи, адаптација на наставните материјали и користење асистивна технологија.

Евалуацијата спроведена по работилниците со учениците и наставниците покажа дека активностите придонеле кон подобро разбирање на инклузијата и значењето на создавањето училишна средина во која секој има еднаква можност за учество. Учениците преку пополнување евалуациски прашалници покажаа поголема свесност за различностите, подобро разбирање на чувствата и предизвиците со кои се соочуваат нивните врсници со попреченост, како и поголема подготвеност за прифаќање, почитување и меѓусебна поддршка. Нивните коментари особено ја истакнуваат важноста на практичните вежби, разбирањето на туѓата перспектива и пораката дека секое дете има право да биде прифатено, да учи и да биде дел од заедницата.

Евалуацијата со наставниците, пак, покажа дека работилниците придонеле кон подобро разбирање на принципите на инклузивното образование, препознавање на бариерите и потребите на учениците и поголема подготвеност за примена на индивидуализирани и инклузивни наставни пристапи. Учесниците посочија конкретни промени што сакаат да ги применат во својата работа, како адаптација на наставните материјали, користење асистивна технологија, примена на интерактивни методи и поттикнување на соработката меѓу учениците. Истовремено, беше изразен интерес за понатамошни практични обуки и континуирана поддршка во примената на инклузивните практики.

Добиените повратни информации покажуваат дека едукацијата и за учениците и за наставниците е важен чекор кон надминување на предрасудите, спречување на исклучувањето и градење училишна култура заснована на почитување, еднаквост и прифаќање.

Реализираните активности потврдија дека инклузијата е заедничка одговорност на учениците, наставниците, стручните соработници и целата училишна заедница. Преку заедничко учење, разбирање и соработка можеме да ги надминеме бариерите и да создадеме училишта во кои различностите се прифаќаат и почитуваат.

Нашата порака е едноставна: различноста не нè разделува – таа нè збогатува! Заедно градиме мостови на разбирање, почитување и пријателство, затоа што секој ученик е важен и секој заслужува еднаква можност да учи, да учествува и да ги развива своите потенцијали.

Проектот „Заедно кон инклузија – градиме мостови, а не ѕидови“ е поддржан од Министерството за односи меѓу заедниците.

Овој текст е подготвен во рамки на проектот „Заедно кон инклузија – градиме мостови, а не ѕидови“, со финансиска поддршка на Министерството за односи меѓу заедниците.

Содржината е единствена одговорност на Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ и не ги одразува нужно ставовите на Министерството за односи меѓу заедниците.

Поврзани вести