
Министерот за финансии на Луксембург, Жил Рот, изјави дека неговата држава нема да го продолжи рокот за посредување во продажбата на израелски државни обврзници на пазарот на Европската Унија. Рот додава дека овластувањето истекува на 31 август.
Можам кратко да кажам: израелските државни обврзници нема да бидат продолжени. Рокот истекува на 31 август годинава. Имам овластување да ви го соопштам тоа – изјави Рот за телевизијата РТЛ, пренесува луксембуршкиот дневен весник „Тагеблат“.
Тој посочува дека за оваа одлука исклучиво е надлежна Комисијата за надзор на финансискиот сектор (CSSF), која уште пред два месеца донела одлука да не го продолжи овластувањето за продажба на израелските државни обврзници.
Рот ја бранеше работата на регулаторот од бројните критики, нагласувајќи дека институцијата постапува исклучиво во согласност со законодавството на Европската Унија.
Претходно, организацијата за човекови права „Амнести интернешнал“ побара ЕУ да го повлече одобрението за продажба на израелски државни обврзници на територијата на Унијата.
На земјите членки на ЕУ им се заканува опасност да станат соучесници во сегашниот геноцид во Газа“ – соопшти „Амнести интернешнал“.
Организацијата наведе дека Израел сè повеќе зависи од странски капитал за да ја „финансира својата нелегална окупација на Појасот Газа и сите последици за тамошното население“.
За држава што не е членка на ЕУ да може да тргува со свои државни обврзници на пазарот на капитал во Унијата, мора да избере „матична држава“.
Во таа држава се поднесува барање за одобрување на проспектот – официјалната документација за емисијата на обврзниците. За Израел таа улога ја има Луксембург, но неговиот статус на „матична држава“ истекува на 31 август.
Приходите од продажбата на државните обврзници директно се слеваат во буџетот на Израел, а преку овој инструмент земјата во периодот од 2023 до 2025 година обезбедувала околу 2,4 милијарди долари годишно, пишува „Тагеблат“.

Македонски


