
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека до есен треба да се одржат нови трилатерални разговори меѓу Украина, Русија и САД, насочени кон изнаоѓање решение за војната.
На заедничката прес-конференција во Киев со ирскиот премиер Михол Мартин, Зеленски се осврна на предлозите што, како што рече, ги добил за време на телефонскиот разговор со специјалниот американски пратеник Стив Виткоф и со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој изјави дека украинската страна сака во најскоро време да разговара за американскиот предлог, по што, според досегашната практика, Вашингтон би требало да ги продолжи разговорите со Москва.
Потоа, ако увидиме дека имаме можност сериозно да разговараме за тој план, мислам дека ќе има трилатерална средба. Секако, сето тоа треба да го направиме до есен – рече Зеленски.
Тој додаде дека Украина би сакала таквата средба да се одржи уште овој месец.
Но, не зависи сè од нас. Американците сакаат средба, но не смееме да заборавиме дека нивното внимание сега е насочено кон Иран – истакна украинскиот претседател.
По средбата со ирскиот премиер, Зеленски изјави дека разговарале за заканите и предизвиците со кои Украина се соочува во пресрет на есента.
Тој ја поздрави одлуката на Европската Унија за усвојување нов пакет санкции против Русија.
Ова е веќе 21-от пакет санкции, а денеска Михол ме увери дека ќе работи и на подготовката на 22-от пакет“, напиша Зеленски на Икс.
Тој ѝ се заблагодари на Ирска и за подготвеноста да продолжи да ја поддржува Украина на патот кон членство во ЕУ за време на нејзиното претседавање со Советот на Европската Унија.
Многу е важно Ирска, како земја претседавач, да покаже лидерство и Украина да може да смета на отворање на преостанатите преговарачки кластери“, додаде Зеленски.
Ирскиот премиер Мартин порача дека дошол во Киев за да ја изрази „цврстата и непоколеблива солидарност“ на Ирска и на Европската Унија со украинската влада и народ.
Русија и Украина последен пат, со посредство на САД, одржаа три рунди мировни разговори во јануари и февруари, по што преговорите беа прекинати. Москва и Киев застојот го припишуваат на насоченоста на американската дипломатија кон Иран и конфликтот на Блискиот Исток.

Македонски


