Skip to main content

Драмски театар со претставата „Кармен“ го отвора театарскиот фестивал „Бранко Ѓорчев“ во Неготино

Драмски театар

Со изведба на претставата „Кармен“ на Драмски театар Скопје утре, на 14 август, во Неготино се отвора Театарскиот фестивал „Бранко Ѓорчев“. Ова е трет фестивал што се одржува во чест на истакнатиот македонски актер Бранко Ѓорчев.

Фестивалот се одржува во салата на Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“. Претставите започнуваат во 20 часот, а влезот за публиката е слободен. Публиката во Неготино од 14 до 23 август ќе има можност да проследи пет претстави во ревијалната фестивалска програма.

По утрешното отворање на фестивалот со монодрамата „Кармен“ на актерката Биљана Драгиќевиќ- Пројковска во режија на Дејан Пројковски на НУ Драмски театар Скопје, наредната фестивалска вечер ќе биде во вторник на 18 август со изведбата на претставата „Знаме и куфер“ на режисерката Изабела Јакимова во продукција на „Театар за тебе“ од Скопје.

Во среда на 19 август театарот „Ј.Х.К.-Џинот“ од Велес ќе ја изведе претставата „Синиот портокал“ на режисерот Александар Ивановски. На 21 август (петок) на програмата на фестивалот е „Магионичарско шоу“, детска програма со Кристијан Шопов – Кико Магико. Годинашниот театарски фестивал „Бранко Ѓорчев“ се затвора во недела на 23 август со ансамблот на Народниот театар „Ацо Шопов“ од Штип кој ќе ја изведе претставата „ЈЗУ Европа“ на режисерката Кристина Атансова.

Монодрамата „Кармен“ на фестивалот во Неготино ќе биде изведена 51. пат по премиерата што претставата ја имаше во мај 2021 година.

Претставата е работена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес. Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Кармен има добиено неколку меѓународни награди и признанија. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајкоски.

Поврзани вести