Skip to main content

Сиљановска-Давкова со честитка по повод Денот на албанската азбука: Единството нема да ги негира, туку ќе ги респектира различностите

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, упати честитка до припадниците на албанската заедница по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука.

Почитувани сограѓани Албанци, 22 Ноември е датум чие значење ја надминува симболиката на историски јубилеј. Тој е сведоштво за национална визија и свест за посебен идентитет, чиј темел е стандардизираната албанска азбука – истакнува претседателката.

Во честитката, таа посочува дека јазикот е основниот белег на националната посебност и е најсилниот инструмент за градење и изразување на колективната меморија на еден народ, неговото духовно наследство и искуство.

Албанскиот јазик, вам Албанците ви овозможи да изразите почит кон претците, но и одговорност кон потомците. Во македонското мултикултурно општество и демократски политички систем, Албанците и албанскиот јазик имаат долга традиција на постоење во уставниот, политичкиот, економскиот, образовниот, научниот, културниот, спортскиот, медиумскиот, забавниот и секојдневниот живот. Дозволете ми како претседателка на државата, да изразам став дека наша заедничка должност е да градиме општество во кое единството нема да ги негира, туку ќе ги респектира различностите, третирајќи ги како трајни општествени вредности – наведува Сиљановска-Давкова.

Таа посакува 22 Ноември да не биде само ден на сеќавање, прослава и гордост, туку и поттик за нови образовни, научни и културни дострели на албански јазик.

Поврзани вести