Skip to main content

Белгија ги откажува сите летови за утре поради генерален протест

Сите летови на белгиските аеродроми ќе бидат откажани утре поради национален генерален протест против политиките на федералната влада. Протестот ќе предизвика нарушувања и во јавниот превоз, при што дел од автобусите и трамваите нема да сообраќаат. Белгиската служба за контрола на воздушниот сообраќај „Скајс“ (Skeyes) соопшти дека нема да може да обезбеди нормално управување со воздушниот сообраќај бидејќи дел од контролорите на летање ќе учествуваат во протестот. Поради тоа, воздушниот сообраќај ќе биде прекинат од 7 до 21 часот.

Од службата информираат дека ќе бидат обезбедени минималните услуги неопходни за итни случаи и други летови од критично безбедносно значење. Безбедноста на воздушниот сообраќај, како што нагласуваат, останува апсолутен приоритет. Прекини се очекуваат и во јавниот превоз. Четири од десет автобуси и трамваи на белгискиот транспортен оператор „Де Лијн“ (De Lijn) ќе останат во депоата, што значи дека патниците ќе се соочат со намален број возила и можни доцнења.

Патниците кои во понеделник имаат планирани летови од или кон Белгија се советуваат да ги проверуваат известувањата од авиокомпаниите и аеродромите и да ги следат информациите за евентуални промени во своите резервации.

Поврзани вести