Skip to main content

Досега беше контролирај, контролирај, а сега ќе биде верувај, но и контролирај:Рама со порака за „One Stop Shop“ на Ќафасан

МИА

Албанскиот премиер Еди Рама, на настанот по повод воспоставувањето на системот „One Stop Shop“ на граничниот премин Ќафасан меѓу Македонија и Албанија, истакна дека новиот начин на функционирање ќе значи поедноставување на граничните процедури и поголема доверба меѓу двете земји.

Рама, обраќајќи се на настанот, направи споредба со досегашниот начин на контрола на границата, посочувајќи дека новиот систем треба да донесе поинаков пристап.

Ние имаме еден израз на албански јазик, не знам дали вие го имате на македонски: верувај, но и контролирај. Досега на овој граничен премин бевме контролирај, контролирај, но сега ќе бидеме верувај и контролирај – рече Рама.

Тој нагласи дека воспоставувањето на овој систем е уште еден чекор во соработката меѓу двете соседни земји и кон нивното приближување до Европската Унија.

Албанскиот премиер се осврна и на заедничките инфраструктурни проекти, посебно на Коридорот 8, оценувајќи дека тој претставува значаен проект не само на патот кон ЕУ и за НАТО, туку и за поврзувањето и заедничката соработка меѓу двете држави.

Рама упати благодарност до сите институции и вработени кои придонеле за реализацијата на проектот „One Stop Shop“, додавајќи дека истиот модел треба да се примени и на другите гранични премини.(МИА)

Поврзани вести