
Без слободни и одговорни медиуми нема информирани граѓани, а без информиран народ демократијата ризикува да се претвори во празна форма, лишена од сопствената суштина. Новинарството не смее да биде ниту продолжена рака на владата ниту нејзин однапред определен противник, туку мора да ја преиспитува секоја форма на моќ, порача денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на отворањето на 20. Југоисточноевропски медиумски форум (SEEMF) 2026, кој се одржува денеска во Скопје.
Обраќајќи се пред учесниците на форумот, кој се одржува под мотото „Поблиску до регионот, посилни во Европа: Улогата на комуникацијата и медиумите во зајакнувањето на имиџот, отпорноста и безбедноста на Европа“, Сиљановска-Давкова нагласи дека посветеноста на вистината и етичките принципи е потребна повеќе од кога било, потсетувајќи дека новинарството низ генерациите го практикувале луѓе кои поради одбраната на своите принципи ги губеле работните места, завршувале во затвор и се соочувале со бројни тешкотии.
Новинарството бара посветеност на вистината и чувство за јавниот интерес, за res publica. За мене, политиката отсекогаш била дијалог, никогаш монолог. Несогласувањето и комуникацијата се во нејзината суштина – рече претседателката.
Таа посочи дека демократијата претставува облик на политичка комуникација меѓу власта и народот, а во современите демократски општества разбирањето на политиката во најголема мера се формира преку медиумите – телевизијата, весниците, радиото, а особено интернетот и социјалните мрежи.
Според Сиљановска-Давкова, масовните медиуми не се само канали за пренесување информации, туку важен дел од политичкиот процес, бидејќи влијаат врз распределбата на моќта во општеството, поради што новинарите не се само известувачи за настаните, туку и активни учесници во обликувањето на јавниот простор.
Таа оцени дека слободниот печат е една од клучните одлики на демократијата, бидејќи преку поттикнување јавна дебата, политичко учество и контрола на власта овозможува прераспределба на моќта и функционирање на демократските институции.
Медиумите, како што наведе, имаат и образовна улога, бидејќи овозможуваат политичка дебата и создаваат јавен форум за академската заедница, деловните лидери, синдикатите, различните интересни групи и граѓаните, кои преку различни комуникациски платформи можат да ги изразат своите ставови.
Осврнувајќи се на улогата на медиумите како контролор на власта, претседателката нагласи дека таа може ефикасно да се остварува само доколку новинарите се вистински независни и не се под доминација на владата, за да можат да ги преиспитуваат нејзините активности и да ги разоткриваат злоупотребите на моќта.
Свесни сме дека новите технологии овозможуваат проширување на граѓанското учество преку е-демократијата, сајбер-демократијата и електронската демократија. Но, не смееме да заборавиме или да ги занемариме одредените резерви во однос на способноста на масовните медиуми да придонесат за ефективна демократија. Медиумската содржина е далеку од тоа секогаш да им нуди на граѓаните широк и избалансиран опсег на политички гледишта. Напротив, таа е обременета со политички пристрасности. Освен тоа, масовните медиуми сигурно не подлежат на јавна одговорност во целосна смисла на зборот. Тие се класичен пример за моќ, како што велат некои експерти, моќ без одговорност, понекогаш – рече таа.
Претседателката истакна иако новинарите се добро информирани и упатени, нивните ставови не секогаш го претставуваат гласот на народот, а медиумските професионалци понекогаш ги претставуваат само сопствените ставови.
Постојат и многу причини поради кои често може да се доведе во прашање независноста на медиумите од владата. Меѓу медиумските професионалци и политичката елита често постои симбиотска врска. Затоа, треба да потсетиме дека владата и масовните медиуми не се секогаш спротивставени страни. Медиумите честопати биле контролирани директно или индиректно и користени како пропагандна машинерија. Поволното претставување на информациите и политиките, односно она што стана познато како спин, се претвори во една од главните преокупации на многу современи влади – изјави претседателката.
Сиљановска-Давкова постави и прашање дали може да постои вистински јавен живот без информирани граѓани и дали демократијата може да биде нешто повеќе од формална процедура доколку граѓаните немаат пристап до проверени информации и не можат да ги разликуваат фактите од конструираните содржини, аргументите од пропагандата и вистината од привидот.
Токму тука лежи суштината на новинарството, во неговата незаменлива улога да овозможи јавниот простор да биде достапен за знаење, критика и преиспитување на предрасудите – рече таа.
Говорејќи за влијанието на дигиталните технологии, претседателката посочи дека тие го трансформирале начинот на кој луѓето го доживуваат светот, но демократската потреба останала иста, граѓаните да знаат, да разбираат и самостојно да формираат мислење.
Таа нагласи дека новинарството не е само хроника на настаните, туку и сведоштво за правото на јавноста да биде добро информирана. Информацијата, според неа, не подразбира само пренесување, туку и избор за тоа што ќе биде претставено како важно, кому ќе му биде дадена можност да зборува и кои настани ќе бидат ставени во преден план, а кои ќе останат на маргините.
Осврнувајќи се на новите предизвици, Сиљановска-Давкова предупреди дека во ерата на видеократијата и демократијата на спектаклот сликите сè повеќе ги заменуваат објаснувањата, додека алгоритмите стануваат посредници меѓу настаните и граѓаните. Вештачката интелигенција, според неа, отвора извонредни можности, но истовремено покренува прашања за автентичноста, авторството и веродостојноста на информациите.
Повикувајќи се на истражувањето на Институтот „Ројтерс“ за 2026 година, таа посочи дека социјалните мрежи и видеоплатформите првпат станале најкористениот глобален извор на вести, додека довербата во вестите изнесува 37 проценти.
Зарем тоа не е еден од големите парадокси на нашето време, информациите никогаш не биле подостапни, а довербата во нив можеби никогаш не била толку кревка? – праша претседателката.
Таа се осврна и на безбедноста и условите за работа на новинарите, посочувајќи дека зад секоја информација стои човекот што ја создава, а новинарите известуваат од места на несреќи, пожари, вооружени конфликти и човечки трагедии, често изложени на непредвидливи ризици.
Повикувајќи се на податоците на Меѓународната федерација на новинари, Сиљановска-Давкова информираше дека во 2025 година биле убиени 128 новинари и медиумски работници, меѓу кои девет смртни случаи биле класифицирани како несреќни случаи.
Таа нагласи дека статистиката не може целосно да ги прикаже и невидливите последици од професијата, како психолошкиот товар од постојаната изложеност на трауматични настани, стресот, исцрпеноста, проблемите со вработувањето и постојаниот притисок од роковите.
Не смееме толку да го романтизираме новинарскиот повик што ќе ги занемариме условите во кои се врши оваа професија. Слободата на медиумите подразбира и безбедност, достоинство, професионална автономија и економска независност за вас, новинарите – порача Сиљановска-Давкова.
Таа додаде дека одговорното новинарство не се препознава само според способноста да ги разоткрива грешките на другите, туку и според подготвеноста критички да се преиспитува самото себе.
Брзината, како што рече, може да биде технолошка предност, но точноста останува професионална обврска, додека критичкото новинарство не смее да се поистоветува со пристрасноста, ниту слободата на изразување да се сфати како ослободување од одговорноста за објавеното и кажаното.
На крајот од обраќањето, претседателката порача дека на новинарството денес му се потребни храброст, знаење, независност, самокритичност, слобода и професионални стандарди.
Можеби најважното прашање не е само какви медиуми сакаме, туку и какво општество сакаме да бидеме. Општество во кое информацијата е инструмент за манипулација или општество во кое таа е предуслов за слободно расудување? Општество во кое гласноста го заменува аргументот или општество во кое вистината има предност пред сензацијата? – истакна Сиљановска-Давкова.
Таа заклучи дека новинарите се набљудувачи, сведоци и толкувачи на времето во кое живееме, но и чувари на јавната меморија, предупредувајќи дека општеството што нема да ја зачува вистината за сопственото време ризикува да ја загуби способноста да ја обликува својата иднина.

Македонски



