
Инструктор од Србија паднал од стаза за алпинизам кај Демир Капија, се здобил со тешки телесни повреди, информираат денеска од Секторот за внатрешни работи – Велес.
Вчера во 13:35 часот, во ОВР – Неготино било пријавено дека во реон на старите тунели кај Демир Капија, од стаза за алпинизам паднал С.Ж., на возраст од 61 година од Република Србија. Според пријавеното, С.Ж., кој бил главен инструктор во планинарско спортско друштво „Стена“ од Белград, додека се искачувал заедно со други шест алпинисти од Република Србија, по веќе поставената алпинистичка насока, при што истакнал дека стените се кршливи и се лизгави, во еден момент при искачувањето паднал од карпата, односно му се откорнало парче. При паѓањето, А.Т., кој го обезбедувал јажето, успеал да го задржи на висина од околу 15 метри од земјата – појаснуваат од СВР – Велес.
Оттаму додаваат дека од страна на специјалната единица при АРМ „Волци“, кои биле во близина на настанот и изведувале вежба за алпинизам, му била укажана првична помош и го извлекле лицето на безбедно и пристапно место од каде истото е преземено од Итна медицинска помош – Неготино.
При падот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општа болница – Велес. Увид извршила увидна екипа од ОВР – Неготино – соопштуваат од СВР – Велес.

Македонски




