
Општина Охрид, ООУ „Живко Чинго“ и Месната заедница Велгошти денеска ја организираат традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“, со почеток во 20 часот, во атарот на црквата „Света Петка“ во село Велгошти.
Во рамки на програмата ќе биде положено цвеќе пред спомен-обележјето на големиот македонски писател Живко Чинго, по што ќе следи обраќање на претставник на Општина Охрид.
Ќе биде доделена и наградата за најдобар расказ, а на присутните ќе им се обрати овогодишниот добитник, д-р Марјан Патлиџанковски.
Беседа за животот и творештвото на Живко Чинго ќе одржи академик Катица Ќулавкова.
Манифестацијата ќе продолжи со богата културно-уметничка програма во рамки на проектот „Македониум“, во која ќе настапат Бојан Маркоски – хармоника, Стефан Чеменкоски – кларинет, Ѓоко Чеменкоски – вокал, Владимир Србиноски – пијано, Виктор Србиноски – виолина, Ристе Довлев – виолина, Величе Затуроски – клавир, Димитар Трпеновски – кахон и Софија и Виктор Милески – рецитатори.
Во програмата е предвиден и настап на КУД „Илинден“ – Велгошти.

Македонски


