
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати честитка до сите жени по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март, изразувајќи благодарност и почит за нивната сила, посветеност и придонес во општеството.
Во честитката, Гаши истакнува дека 8 Март е потсетник на значајната улога на жените во јавниот и општествениот живот и нагласува дека нивниот придонес е непроценлив во секоја сфера.
„Овој посебен ден ни дава можност да ја истакнеме важноста на застапеноста на жените во јавниот живот, да оддадеме признание за вашиот неспоредлив придонес во секоја област на општеството и повторно да потврдиме дека жените се цврстиот корен на човештвото“, наведува Гаши.
Тој додава дека 8 Март е ден за размислување, но и за завет и заложба за унапредување, гарантирање и заштита на правата на жените.
„Како претседател на Собранието, сакам да ве уверам дека овој дом на сите граѓани ќе продолжи да ја поддржува секоја иницијатива што ја унапредува оваа кауза“, истакнува Гаши.
Во честитката, тој упати и повик до мажите да бидат дел од напорите за постигнување родова еднаквост, нагласувајќи дека тоа не е само женска кауза, туку заедничка одговорност на целото општество.
„Почитувањето на мајките во семејството и правичното вреднување на жените во јавниот живот е морална и човечка обврска. Почитувани дами, од срце ви го честитам 8 Март. Продолжете да бидете силата, разумот и доблеста на нашето општество“, порача Гаши.

Македонски

