Skip to main content

Ѕвездата на Париската опера, балерината Роксан Стојанов и Антонио Конфорти го отвораат 22. издание на „Танц фест“ на 18 април во МНТ

Свеченото отворање на 22. издание на „Танц фест“ ќе се одржи на 18 април (сабота) во Македонскиот народен театар (МНТ) во 20 часот, со гала вечер која ќе го одбележи почетокот на фестивалската програма. На отворањето ќе настапи ѕвездата на Париската опера, балерината Роксан Стојанов, заедно со Антонио Конфорти, уметник од Париската опера, со специјален настап подготвен за ова издание на фестивалот.

Во рамки на вечерта ќе се одржи и финалето на Националниот натпревар за млади балетски уметници „Роксан Стојанов“. Натпреварот има за цел да ги поддржи младите балетски таленти и нивниот професионален развој, создавајќи вистинска можност и инспирација за младите уметници од Македонија.

Во 2026 година Танц Фест Скопје го одбележува своето 22. издание, а фестивалот се одржува во особено значајна година – 30 години од основањето на Интерарт Културниот Центар, организација која три децении континуирано работи на развојот на современиот танц во Македонија преку продукција, едукација и презентација на танцовата уметност. Воедно се одбележуваат и 15 години продукциска и уметничка извонредност со Скопје Танцовиот Театар.

Фестивалот и оваа година носи богата програма со премиери, нови копродукции, регионални гостувања и професионални средби.

По повод 30 години Интерарт Културен Центар, фестивалот за првпат ја организира Скопје Танцовата Платформа, интензивна програмска целина која ќе се одржи во текот на еден фестивалски викенд на три сцени во Скопје. Платформата ќе претстави вкупно 12 танцови продукции од Македонија и регионот од кои 7 се премиери, со цел да ја претстави актуелната продукција голем број на меѓународни гости – директори на фестивали, куратори, продуценти и програматори од Европа и домашната публика.

Премиерните изведби на фестивалот се: „Пајажина“ – Рисима Рисимкин, „Трендинг Апокалипса“ – Адријана Данчевска Ровчанин, „МА“ – Дејан Битровски, „Риџес“ – Ермира Горо, „Југо“ – Ивана Балабанова, „Будење“ – Рисима Рисимкин, „Апсурд“ – Саша Ефтимова.

Како светски премиерна изведба во програмата на фестивалот ќе биде претставена и новата меѓународна копродукција „Ridges“ на кореографката Ермира Горо, реализирана во рамки на регионалната иницијатива Moving Balkans, во партнерство помеѓу Интерарт Културен Центар и партнерите од Тирана и Загреб.

Фестивалската програма вклучува и две продукции селектирани во Moving Balkans TOP 10 селекцијата за сезоните 2025 и 2026, што претставува значајна платформа за промоција на нови кореографски гласови од Балканот.

Во рамки на фестивалот ќе се одржи и DanceTech програмата (22 и 23 април), која ја истражува врската помеѓу танцот и новите технологии, преку работилници, презентации и уметнички средби. Во рамки на овој сегмент гостува реномираниот швајцарски кореограф Жил Жобен, еден од пионерите во областа на дигиталниот и имерзивен танц, чија работа се фокусира на интеграција на motion capture, виртуелна реалност и нови медиуми во кореографијата. Тој ќе ја претстави својата работа и ќе реализира работилници со уметници и студенти, отворајќи нови перспективи за развој на современиот танц.

Како дел од овој сегмент, фестивалот ќе реализира и VR турнеја во Битола, каде ќе бидат прикажани две дела од Moving Balkans TOP 10 селекцијата, снимени во виртуелна реалност, кои публиката ќе може да ги погледне во Офицерскиот дом.


Танц Фест Скопје 2026 ќе биде домаќин и на Генералното собрание на мрежата на танцови фестивали од Европа, нова европска мрежа на фестивали за современ танц. Мрежата, основана во 2024 година, обединува повеќе од 20 водечки фестивали и организации од Европа, меѓу кои Biennale de Lyon / Maison de la Danse, Bratislava in Movement, CODA Oslo, Dance Umbrella, Dublin Dance Festival, Julidans, TANEC PRAHA и Dance Fest Skopje. Целта на мрежата е да го развива современиот танц преку одржливи турнеи, мобилност на уметници и меѓународна соработка, со иницијативи како Visiting Artist Programme и заедничко застапување за развој на европската танцова сцена.

Во рамки на фестивалот ќе бидеме и домаќини на 6 уметници во посета преку Visiting Artist Programme (VAP) – европска иницијатива која овозможува мобилност и професионална размена меѓу уметници и фестивали во Европа. Програмата ги поврзува партнерските фестивали и танцови организации, овозможувајќи им на уметниците да присуствуваат на фестивалски програми, да воспостават нови професионални контакти и да развијат идни соработки. Присуството на уметници од различни европски земји во Скопје создава простор за интернационален дијалог и нови копродукциски можности.
Како дел од професионалната програма на фестивалот ќе се одржи и Стреч настанот – меѓународна средба на уметници, кореографи, танчери, продуценти, културни менаџери и истражувачи од областа на современиот танц и перформативните уметности. Настанот создава простор за дијалог за актуелните предизвици во културниот сектор, како што се нови модели на продукција, одржливост на уметничката работа, дигитални технологии и меѓународни соработки. Овие професионални средби често претставуваат почетна точка за нови копродукции, резиденции и европски проекти.

Првпат Фестивалот се затвора во Битола, со изведбата „Будење“ на Рисима Рисимкин. Овој симболичен чин означува ново поглавје – проширување на фестивалот надвор од Скопје, децентрализација на културните настани и отворање кон нови публики и простори.

Поврзани вести