
Меланомот е најсериозниот, најмалигниот карцином на кожата и слузниците. Се шири многу брзо по лимфен и крвен пат во другите делови на телото и тогаш неговото лекување е потешко, a исходот може да биде и фатален.
Бројот на заболени од рак на кожа, односно меланом е во постојан пораст и е еден од туморите со најголема експанзија во последно време. Годишното зголемување на бројот на заболени е за 4-5%, што значи дека бројот на заболени двојно се зголемува на секои 10-15 години, се вели во извештајот на Институтот за јавно здравје кој во мај ја спроведува кампањата за превенција на канцерот на кожа.
Меланомот во последните пет години е на листата на најчести малигни заболувања. Мажите заболуваат почесто од жените, но на возраст под 50 години стапката на заболени жени е повисока во однос на мажите. Бројни студии покажуваат дека жените заболени од меланом имаат подобра стапка на преживување од мажите. Причината за тоа најверојатно е што жените посветуваат поголемо внимание на својот изглед, порано ги забележуваат промените на кожата и порано се јавуваат на лекар. Од ова може да се заклучи дека клучен фактор за добра прогноза е рано откривање на меланомот.
Во Македонија во 2023 година вкупниот бројот на новозаболени од меланом е 49 со стапка на инциденца од 2.7/100 000 жители, додека бројот на новозаболени мажи изнесува 27 со стапка на инциденца од 3.0/100 000 мажи, а бројот на новозаболени жени изнесува 22 и стапка на ициденца 2.4/100 000 жени. Од меланом во 2024 година умреле 28 лица со стапка на морталитет од 1.5 на 100 000 жители, од кои 16 се мажи, а 12 се жени. Стапката на умрени мажи изнесува 1.8 на 100 000 мажи, а стапката на умрени жени 1.3 на 100 000 жени.
Се повеќе луѓе прават превентивни дермоскопски прегледи, внимаваат на своите бенки и останати промени на кожата, редовни се во користењето на SPF заштита и отворено зборуваат за превенција, вели во интервју за „Република“ д-р Ивана Панговска, специјалист дерматовенеролог во Промедика Медикал Центар во Скопје.
Со неа разговарвме за меланомот и колку е опасен како тип на рак на кожа, кои се ризик-факторите, дали гененитката игра важна улога, кои промени на кожата не смееме да ги ингорираме, за важноста на кремите со заштитен фактор и дали треба да ги користиме преку цела година, а не само во летен период, кога е најмалку штетно да бидеме изложени на сончевите зраци.
Дали постои идеална заштита на кожата од сонцето?
Д-Р ПАНГОВСКА: Не постои идеална заштита што 100% ја отстранува штетата од сонцето, но постои комбинација што значително го намалува ризикот од изгореници, предвремено стареење, појава на хиперпигментации и оштетување на кожата. Таа вклучува употреба на крем со широк спектар на заштита од UVA И UVB зраците (SPF 30-50), негова доволна количина како и реапликација на секои два часа, избегнување на најјакото сонце од 11-17h, носење на шапка, очила за сонце и лесна светла облека со покривање.
Што точно претставува меланомот и колку е опасен како тип на рак на кожа?
Д-Р ПАНГОВСКА: Меланомот е најопасниот тип на карцином на кожата кој претставува сериозна и животозагрозувачка болест. Настанува од меланоцитите – клетки кои го создаваат пигментот меланин кој ја дава бојата на кожата, косата, очите. Има брза продорна моќ во кожата и поголема способност од другите кожни карциноми да се дисеминира било по крвоген или лимфоген пат. Најважно е неговото рано препознавање, кога често е и целосно излечив. Дерматолозите го користат правилото на ABCDE, во случај на нотирање на сомителна лезија каде А означува асиметрија, B се границите (неправилни назабени рабови), C e бојата ( повеќе бои во една бенка) D е дијаметарот големина поголема од 6мм и E e еволуцијата ( брза промена во краток времески период). Особено внимание бара секоја нова темна промена на кожата кај возрасна индивидуа, бенка која се менува, крвари без причина, симптоми на јадеж, жарење или раничка што незацелува и т.н. грдото патче – бенка која е многу поразлична од остатаните по кожата на телото.
Кои се главните ризик фактори и дали генетиката игра важна улога?
Д-Р ПАНГОВСКА: Генетиката игра важна улога во појавата на меланомот, но најчесто настанува како комбинација од генетска предизпозиција и изложеност на UV зрачење. Главните ризик фактори се:
o Интезивно изложување на сонце и појава на изгореници ( особено опасни се изгорениците со манифестација на плускавци настанати во детството или адолесценцијата)
o Практикување на солариум каде вештачкото UV зрачење го зголемува ризикот, особено доколку се отпочне во раната младост
o Светол тен, очи и руса или црвена коса
o Голем број (повеќе од 50 бенки, вкучително поголем број на неправилни атипични бенки)
o Семејна историја
o Лична историја ( лице кое веќе имало меланом има поголеми шанси повторно да развие нов)
o Ослабен имунитет, кај луѓе со имуносупресија ризикот е поголем.
Кои симптоми или промени на кожата не смееме да ги игнорираме? Како да знаеме кога да побараме помош?
Д-Р ПАНГОВСКА: Кожата често пати дава рани предупредувања за проблем што не треба да се игнорира, но тоа не значи дека секоја промена е опасна, затоа е важно да се побара преглед и стручно мислење од дерматолог. Особено внимание бара бенка која се менува во форма, боја или големина, нова темна промена, раничка која не зараснува со недели, крварење или формирање на курстозна наслага без јасна причина, лезија која постојано чеша, пече или пак боли, брзо растечки израсток или груба промена и лезија која изгледа поразлично од сите останати. Дерматолошкиот, поточно дермоскопскиот преглед е неинвазивна процедура, која дава брза, безболна и јасна процена дали нешто е безопасно, треба дополнитлено испитување или пак брзо, промтно реагирање.

Дали користењето на креми со заштитен фактор е доволно за заштита од сонцето? Дали постојано треба да се користат, преку целата година или само преку лето?
Д-Р ПАНГОВСКА: Кремите со заштитен фактор се многу важен дел од фотопротекцијата, но сами по себе не се целосен штит против сонцето. Нaјдобра заштита е комбинацијата од SPF, сенка или избегнување на најсилното сонце, заштитна облека и очила. На прашањето дали кремите треба да се користат преку целата година, одговорот во многу ситуации е да, особено кремите наменети за лицевата регија, а причината е што UVA зраците постојат и во зима, минуваат низ облаци и стакло и придонесуваат за стареење на кожата, манифестација на хиперпигментации и долгорочно оштетување. Во лето заштитата е најважна, но и во пролет, зима, на планина и снег каде рефлекцијата на сончевите зраци е најголема, при долги патувања возења и секојдневна рекреација во природа.
Кои се вашите препораки кога станува збор за превенција и грижа на кожата?
Д-Р ПАНГОВСКА: Најадобрата превенција за кожата не е само скапата козметика, туку комбинација од заштита, набљудување и доследна нега. Кожата често реагира и на животниот стил, на исхраната, стресот, сонот, хормоналните промени, а не само на одредени производи. Моите главни препораки би биле:
o Секојдневна заштита од сонце SPF 30-50 за лицето и изложените делови од телото, носење на капа, очила и сенка кога сонцето е најсилно
o Редовно следење на кожата ( дали се јавуваат нови бенки, дали се регистрира промена на некоја постоечка или пак има раничка која непоминува)
o Нежна нега и едноставна рутина прилагодена на соодветниот тип на кожа
o Внимавајте на хроничниот стрес кој може да провоцира јадеж, да ја исуши кожата, да активира осипи или чуствителност.
o Хидратацијата и квалитетниот сон не се магично решение, но доволниот внес на течности, добриот сон и избалансираната храна влијаат на бариерата и обновувањето на кожата.
И најважно не треба да се живее во страв од секоја бенка или промена јавена на нашата кожа. Целата е внимателност, а не опсесија при што редовната грижа и навремената промена се најсилната превенција.

Дали има разлики во грижа за кожата и изложеноста на сонце во однос на возраста? Дали е потребен само крем со заштитен фактор или и нешто друго треба да се преземе?
Д-Р ПАНГОВСКА: Да, има значајна разлика во тоа како кожата реагира на сонце и каква грижа и е потребна во различни периоди од животот. Кожата не е иста кај бебињата, децата, кај возраасен или пак постара личност. Детската кожа е потенка и почуствителна, кај бебињата под 6 месеци физичката заштита е поважна од директното изложување со многу креми, при тоа изгорениците во детството се важен ризик фактор за појава на меланом подоцна во животот. Кај тинејџерите често се појавуваат акни, масна кожа, многу млади луге прескокнуваат SPF мислејќи дека само плажата бара заштита, сакаат потемен тен, користат солариуми, но токму тогаш започнува голем дел од UV оштетувањето. Кај возрасните се манифестираат пигментации, фини линии и бори, посува кожа и чувствителност, тука SPF станува и здравствена и anti-aging заштита. Кај старите лица кожата е се потенка, бавно се обновува, лесно се суши и иритира, расте ризикот од хронични UV оштетувања и појава на кожни карциноми. Дали е доволен кремот со SPF? Не целосно, комбинацијата од SPF, избегнување на најсилното сонце носење на заштитна облека, хидратацијата и редовните проверки на кожата се најдобрата заштита. Сонцето не е непријател и не треба целосно да се избегнува. Умеренотоо изложување е нормален дел од животот, проблемот е хроничното и неконтролираното UV оштетување без заштита.
Следува период на летни одмори па прашањето е во кој период од денот е најмалку опасно да бидеме изложени на сонце?
Д-Р ПАНГОВСКА: Најбезбедниот период за изложување на сонце обично е рано наутро до околу 10-11h и подоцна попладне по 17h кога UV зрачењето е значително послабо. Најризичен период е од 11-16h, понекогаш и подолго, во кој период најлесно се добиваат изгореници, кожата добива најмногу UV оштетувања и расте ризикот од предвремено стареење и појава на карциноматозни лезии. Важно е да се знае дека и облаците не ги блокираат целосно UV зраците, водата, песокта и снегот ги рефлектираат зраците, на планина UV зрачењето е посилно, а ветерот често мами – нечуствувајќи топлина сепак гориме.
Дали кај нас се зголемува свесноста на граѓаните за меланомот и кожните заболувања?
Д-Р ПАНГОВСКА: Да, постепено се зголемува свесноста за појавата на меланомот кој е со зголемена инциденца, како и останатите кожни карциноми, особено во послените години. Се повеќе луѓе прават превентивни дермоскопски прегледи, внимаваат на своите бенки и останати промени на кожата, редовни се во користењето на SPF заштита и отворено зборуваат за превенција. Но и понатаму постојат проблеми: многу луѓе одат на преглед дури кога промената долго постои и се развива, се уште го потценуваат ризикот од изложеност на сонце и користењето на солариумите, често мислат доколку промената не боли не е сериозно, а дел од луѓето се лекуваат сами или посегнуваат по алтернативни решенија. Од друга страна позитивно е што социјалните мрежи и кампањите помагаат повеќе луѓе да слушнат за ABCDE правилото, родителите повеќе да внимаваат за заштита на нежната детска кожа и секако дермоскопските прегледи кои стануваат почести и достапни на секој еден поединец.
Кои се вашите препораки за граѓаните за заштита од сонце?
Д-Р ПАНГОВСКА: Моите препораки за заштита од сонце би биле едноставни, практични и реални – не е потребен страв, туку паметна заштита и навики, кои ја чуваат кожата на долг рок. Користете SPF секојдневно, избегнувајте го силното пладневно сонце, не се потпирајте само на крем, внмавајте на изгореници, следете ги промените на кожата – грижата за кожата е долгорочно здравје.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Приватна архива

Македонски



