Skip to main content

Купувањето прв стан веќе не е само сон: Олеснетите услови за нов дом, даваат резултат

Купувањето на прв стан, веќе не е научна фантастика. Мерките кои Народната банка на Македонија ги имплеметираше од почетокот на декември минатата година, за олеснети услови за купување прв дом, даваат резултат. Во услови на значаен раст на цените на станбениот квадрат, за првите три меси од годинава, близу една четвртина од вкупните одобрени станбени кредити биле за прво купување на живеалиште.

Новите макропрудентни мерки за квалитетот на кредитната побарувачка беа воведени со цел превентивно делување, односно да се одржи квалитетна кредитна побарувачка од страна на домаќинствата, односно да се спречи евентуална нивна презадолженост и со тоа да се ограничат ризиците и за банкарскиот сектор, што е особено важно во услови на постојана глобална неизвесност и динамичен кредитен пазар и пазар на недвижности.

За таа цел, се пропишаа построги критериуми за кредитирање – минималното учество за станбен кредит се зголеми од 15% на 25%, а лимитите на задолженоста во однос на доходот се утврдија на 50% за кредити во денари и 45% за кредити со валутна компонента. Истовремено, за првпат купување недвижност за сопствено живеење се предвидени олеснети услови – пониско учество до 10% и поповолни лимити на задолженост (55% за денарски и 50% за кредити со валутна компонента).

Новите мерки се во примена од неодамна, па сѐ уште е рано за посеопфатна оцена на нивните ефекти. Сепак, првичните податоци за првите три месеци од 2026 година упатуваат на нивно целно делување. Имено, во услови на значаен раст на цените на станбениот простор, достапноста на пазарот на станбени кредити за лицата коишто за прв пат купуваат сопствен стан е одржана, при што близу една четвртина од вкупните одобрени станбени кредити биле одобрени за прво купување на живеалиште – велат од Народната банка на Македонија за „Република“.

И додека условите за купување прв стан беа олеснети, условите за купување станбен простор, каде што не се живее, односно како инвестиција, се отежнати, па бројките од терен, покажуваат забавување на трендот за подигнање кредити за таа цел.

Во исто време, вкупниот број на физички лица кои земале станбен кредит е намален за околу 17% во однос на истиот период лани, што може да се поврзе со построгите критериуми за кредитирање кај кредитите што не се за прво живеалиште. Годишната стапка на раст на станбените кредити засега останува стабилна и се движи околу 15–16%. Станува збор за првични сигнали за постепено стабилизирање на станбеното кредитирање, со можни ефекти и врз пазарот на недвижности, но за поцврсти заклучоци ќе биде потребен подолг период на следење.

Во однос на проекциите на Народната банка, тие упатуваат на поумерен раст на вкупното кредитирање оваа година, кој од 13,1% колку што изнесуваше на крајот на првиот квартал би се свел на 9,3% на крајот на годината. Ова би произлегло од очекуваното стабилизирање на економскиот раст, воздржаност при нагласена неизвесност и очекувани повидливи ефекти од заострените макропрудентни мерки – воведени на крајот на минатата година. Овој надолен тренд се очекува да продолжи и на среден рок, така што кредитниот раст би се движел околу 7,4% во просек -.нагласуваат од НБМ.

Оттаму додаваат дека прават се, граѓаните да бидат инфромирани за поволностите за купување прв стан, како би можеле истите да ги искористат.

Народната банка посвети значително внимание на транспарентно и континуирано информирање на јавноста за мерките и олеснувањата поврзани со станбеното кредитирање, особено за граѓаните кои првпат решаваат станбено прашање.

За мерката беше организирана прес-конференција, а темата беше дополнително објаснувана и преку повеќе јавни настапи и интервјуа, при што детално беа претставени целите на мерките, условите и придобивките за граѓаните. Истовремено, јавноста континуирано се информираше и преку соопштенија и објави на социјалните платформи на Народната банка, со цел информациите да бидат што подостапни и поразбирливи.

Секако, како и кај секоја нова мерка, потребен е одреден период за граѓаните целосно да се запознаат со сите можности што ги нуди, а практичната примена дополнително придонесува за поголема информираност и интерес – додаваат од НБМ.

Анализите на Народната банка покажуваат се уште раст на цените на недвижностите, но со забавена динамика

Согласно последните податоци за пазарот на недвижности, цените на становите продолжуваат да растат, но со забавена динамика и во првиот квартал на 2026 година на годишна основа се повисоки за 16,7%, додека гледано на квартална основа нивото е речиси стабилно, односно бележи минимален раст од 0,1%. Забавената динамика на пазарот на недвижности доаѓа по периодот на силен раст, кога цените достигнаа историски највисоки нивоа, растејќи со стапка од околу 25% годишно во претходните два квартали (податокот се однесува на Скопје и е пресметан врз основа на огласени цени.).. И покрај забавувањето, растот на цените на становите и натаму е релативно висок, што упатува на потребата од внимателно следење на трендовите и во следниот период – велат од НБМ.

Според согледувањата, растотот на цените на недвижнини, го следи регионалниот тренд.

    Може да се каже дека македонскиот пазар на недвижности во изминатите години го следи регионалниот тренд на силен раст, при што растот во минатата година е меѓу посилните во регионот (каде што стапките се движат во широк распон од околу 5% годишен раст во Косово до 19,3% во Црна Гора). Сепак, анализирано подолгорочно, растот на домашниот пазар на недвижности е во рамки на просекот за постпандемискиот период којшто за регионот на Западен Балкан се движи нешто над 13%.- велат од НБМ.

      Очекувањата се дека состојбите на пазарот на недвижности како и досега, ќе бидат движени од соодносот на побарувачката и на понудата на станови, вклучително и на очекувањата, од чиешто влијание ќе зависи и идната патека на движење на цените на становите на домашниот пазар.

      Автор: Александрија С. Николовска

      Поврзани вести