
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека Израел „секогаш“ ќе има право да се брани, без оглед на евентуалниот договор меѓу Вашингтон и Техеран, приклучувајќи се на вчерашната изјава на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Израел секогаш има право да се брани. Секоја држава во светот го има тоа право. Доколку либанското вооружено движење Хезболах се подготвува да лансира ракети или лансира ракети кон Израел, Израел има право да возврати – изјави Рубио пред новинарите во Њу Делхи, каде што престојува во официјална посета.
Нетанјаху вчера изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп за време на телефонски разговор го потврдил „правото“ на Израел да спроведува воени операции во Либан, каде што израелските сили се борат против припадниците на Хезболах.
Рубио претпазливо изјави и дека Вашингтон можеби уште денеска ќе добие вести за евентуален договор со Иран.
Мислевме дека ќе имаме вести синоќа, можеби денеска, но не би сакал премногу да се обврзувам околу тоа – додаде тој.

Македонски



