Skip to main content
ИН МЕМОРИАМ

Македонската оперска сцена изгуби исклучителен уметник, врвен интерпретатор и човек

Македонската оперска сцена изгуби исклучителен уметник, врвен интерпретатор и човек, чиј глас, уметност и сценско присуство оставија длабока трага во Македонската опера и балет и во македонската музичка култура, велат од Националната опера и балет за првенецот, баритотот Ристе Велков, кој трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа која се случи синоќа, на 21 мај, на скопската обиколница.

Неговата посветеност кон уметноста, впечатливите улоги и љубовта кон сцената ќе останат трајно запаметени, велат од НОБ.

Меѓу четворицата жртви се и синот на Велков, 20-годишниот Адам.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека синоќа во 23 часот во СВР Скопје е пријавено оти на обиколница на Град Скопје, помеѓу надвозник Визбегово и клучка Мирковци, Б. Б. (76) од Косово, управувајќи товарно возило – влекач „ман“ со полуприколка со косовски национални ознаки, изгубил контрола над возилото и со него преминал преку металната ограда во спротивната насока на автопатот при што се судрил со патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р. В. (51) од Скопје. Од сударот настанал пожар во двете возила од кој патничкото возило и кабината на влекачот целосно изгореле. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје. Од добиените повреди на местото на несреќата починал возачот Р. В. и сопатниците од неговото возило, А. В. (20) и П. М. (20) од Скопје и уште едно лице чиј идентитет засега е непознат. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телата на починатите се дадени на обдукција.


Ристе Велков беше еден од водечките македонски баритони и еден од најхаризматичните оперски солисти. Роден е во 1975 година во Скопје, Република Македонија. Како реномиран солист – првенец на Македонската опера и балет, тој претежно настапува во белканто продукции, со што го заслужува и епитетот „италијански баритон со кадифена боја“.

Средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје во 1994 година, во класата на проф. Марија Николовска, смер соло-пеење. Дипломира на Факултетот за музичка уметност при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1999 година, во класата на м-р проф. Милка Ефтимова. Магистрира со највисока оцена cum laude во 2011 година на истиот факултет, во класата на м-р проф. Билјана Јовановска Јакимовска, смер соло-пеење.

Во периодот 1995–2000 година ги гради основите на оперското пеење кај македонскиот тенор Гога Трајанов. Своето уметничко усовршување го продолжува кај драмскиот тенор Стојан Стојанов Ганчев од Загреб, како и кај познатите италијански вокални педагози Антонио Бојер и Мирела Паруто, и светски познатиот романски баритон Николај Херлеа. Од 2001 до 2017 година се специјализира и го надградува својот репертоар во приватното оперско студио на бугарскиот баритон Стојан Попов во Софија.

Во 1996 година, како студент, дебитира во драмската претстава „Амадеус“ на сцената на Драмски театар – Скопје. Во 1998 година дебитира на „Мајски оперски вечери“ со улогата на Маруло во „Риголето“. Во 2009 година настапува на матичната сцена во Македонската опера и балет со насловната улога во „Набуко“. Во 2016 година настапува во продукција на Tokyo Opera во Јапонија, со улогата на Жорж Жермон во „Травијата“, во Performing Arts Center Ryutopia во Ниигата. Во 2017 година одржува солистички рецитал во Музеј-куќата на Борис Христов во Софија.

Велков гостува во Јапонија, Србија, Романија, Турција и Бугарија, а настапува на речиси сите значајни домашни фестивали и манифестации: „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Штипско лето“, „Есенски музички свечености“, „Мајски оперски вечери“, „Интерфест“ – Битола и други.

Во текот на својата кариера реализираше голем број улоги, меѓу кои повеќе од 15 главни и водечки баритонски остварувања: Набуко („Набуко“), Риголето („Риголето“), Магбет („Магбет“), Грофот Луна („Трубадур“), Жорж Жермон („Травијата“), Дон Карло ди Варгас („Моќта на судбината“), Амонасро („Аида“), Ецио („Атила“), Енрико („Лучија од Ламермур“), Белкоре („Љубовен напиток“), Ескамиљо („Кармен“), Валентин („Фауст“), Шонар („Боеми“), Алфио („Кавалерија рустикана“), Силвио („Палјачи“), Таткото Петер („Ивица и Марица“), Сигизмунд – крал на Полска („Иван Сусанин“), Огнен („Цар Самуил“) и Вангел („Илинден“).

Поврзани вести