
„Ние не сме малцинство во Македонија. Ние не сме испод 5% или 7%. Во Македонија има 34% Албанци. И оваа Македонија, оваа држава ако опстанала било заблагодарувајќи му се на Албанците дека ги поддржувале нивните сограѓани Македонци“. Ова пред неколку дена страсно го изјави поранешниот пратеник, сега политички аналитичар Абдулади Вејсели во своето излагање на „Само вистина“.
Ваков таков, попис во 2021 година имаше. И со групното запишување и собирање на пасоши низ цела дијаспора на тие фамозни нивни нерезидентни граѓани, Албанци во Македонија се запишаа 29.52 %. Но, на страна бројките, да, Албанците се бореле покрај Македонците за слободна Македонија. Да, Албанците се дел од Македонија.
Ама, ајде да прегледаме што сè се случи во Македонијава само последнава недела.
Во понеделникот театрално од едната кон другата страна на Камен мост, преминаа знамињата со двоглав орел, американското и знамето на Европската унија. Студентите Албанци кои растеле, учеле, а сега и студираат во Македонија и на македонските универзитети и од државниот буџет, не се одважија да го завеат и државното знаме. Да ги тргнеме на страна извиците „УЧК, УЧК“, автобусите од Косово, „набљудувачите“ од ДУИ и „вечните студенти“ (тоа постарите дами и господа што бараа да полагаат правосуден на албански) – ама да ги прашаме вистинските студенти – зошто? Студиите по Право што се учат на македонски не се исти со оние што се учат на албански јазик? Ако го полагате тој испит на албански нема повеќе да ги кршите законите на Македонија? Бидејќи, за нив учите на албански.
Средата, уште пред да изгуби во финалето, навивачите на Шкендија ја исвиркаа македонската химна. Навивачите на Шкендија – клуб во македонско првенство, кое тренира на македонските терени и кое го гледаат од македонските трибини. Ама, ајде да ги тргнеме на страна навивачите кои се викаат Балисти (и се гордеат со тоа), да ги погледнеме фудбалерите.
Колку спортски, пред сè е да не го поздравите противникот за неговата победа или да не се одважите да ги земете медалите? „Поради емоциите, бучавата на стадионот и ситуацијата создадена во тој момент, играчите не го слушнаа повикот за церемонијата на доделување на медалите“, ќе речат од Шкендија, на што превртувањето со очи ќе ни се чуе погласно и од националистичките скандирања. Тука само можеме да се согласиме со изјавата на ФФМ дека „последното соопштение на ФК Шкендија е навреда за здравиот разум и интелигенцијата на спортската јавност“.
Уште многу може да се зборува за фудбалот, каде се тепаат судии, играчи и родители на играчи уште од младинска трета лига, па нагоре, за на крај да не се навива за македонската репрезентација, составена и од играчи Албанци, туку секогаш се бодрат оние на Косово и на Албанија, па макар играле против државата во која сте растеле.
Ама, и студентите, и играчите, и навивачите, сите се први да кажат дека се граѓани од втор ред. Па, дури и на еден темномурен турист неделава во Скопје му се пожалија дека Албанците во Македонија се третирани полошо од робови.
Но, кога на тие „робови“ ќе пробаш да им воведеш ред, кој и самите го бараат, со жив штит ќе застанат против тоа. И метафорично и буквално. Па, за затворање на еден див премин кај Бит-пазар, на кој се гине дал си бил Македонец или Албанец, тие велат дека се прави само затоа што се Албанци, а не пак за сé останато.
Ајде тогаш, уште еднаш да кажеме. Да, Албанците се дел од Македонија. Нека е и цела албанска – зошто не ја сакате?
Подготви: М.М.

Македонски


