Skip to main content

Културната дипломатија успева да создаде многу потрајни и подлабоки мостови отколку конвенционалната дипломатија

Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова

Конвенционалната дипломатија многу често зборува со јазикот на интересот и затоа зад нејзините прагматични цели лесно може да се појават сомнежот и поделбите. Културната дипломатија е ослободена од тој товар бидејќи не бара ништо за возврат. Таа единствено се обраќа на човечката душа и дух, создавајќи простор каде што се рушат стереотипите и предрасудите, истакна вечерва претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето во претседателската „Вила Водно“ каде што беа примени учесниците на претстојниот 4. Форум за културна дипломатија Скопје 2026, кој во наредните неколку дена ќе се одржува на тема „Од крстопати кон поврзувања: Културната дипломатија и иднината на глобалниот дијалог“.

Претседателката рече дека во време на геополитички ривалства и безмилосна трка за профит културната дипломатија може да изгледа речиси донкихотовски, како наивен сон на грст идеалисти во суров свет којшто се распаѓа.

Но, сметам дека вистината е сосема поинаква. Токму во ваков свет на конфликти и во вакво време на страдања, културната дипломатија успева да создаде многу потрајни и подлабоки мостови отколку конвенционалната, традиционалната дипломатија, истакна Сиљановска-Давкова.

Во говорот таа зборуваше и за историското и културното наследство на Скопје, град кој, рече, низ вековите преживеал сè, но секојпат одново се раѓал благодарение на неуништливиот дух на неговите жители и на подадената рака од нивните соседи.

Овој град е природно место да биде европска престолнина на културата за 2028 година, додаде Сиљановска-Давкова.

Форумот за културна дипломатија Скопје 2026 е организиран од Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите од Скопје и Институтот за културна дипломатија од Берлин, со поддршка на Министерството за култура и туризам.

На приемот, насловен „Лидерството и културата како мостови меѓу цивилизациите“, се обратија и поранешниот претседател Ѓорге Иванов, директорот на Институтот за културна дипломатија од Берлин, Марк Донфрид, и претседателката на Националната комисија за УНЕСКО на Унгарија и Асоцијацијата на ОН на Унгарија, Каталин Анамарија Боѓај.

фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова

Претседателот Ѓорге Иванов ѝ врачи на Сиљановска-Давкова благодарница за нејзината поддршка на Форумот од неговите почетоци кога таа била пратеник во Собранието.

Иванов во својот говор порача дека треба да сме свесни за смислата и на тоа што се случува во светот, во кој, рече, ги имаме сите информации на дофат, а немаме знаење.

Културата ни помага да правиме разлика помеѓу цена и вредност, затоа што едно е да имате куќа, а друго е да имате дом, едно е да имате кревет, а друго е да имате сон, едно е да имате доктор, а друго е да имате здравје. Потребен е когнитивен суверенитет односно барање смисла на овој свет, кој е толку забрзан и надвор од контрола, кој ни создава претстава во која не можеме да се посветиме на самите себеси и да сфатиме што е смислата на животот. Културата нè враќа да се освестиме, рече поранешниот претседател на државата.

Според Марк Донфрид, директор на Институтот за културна дипломатија од Берлин, културната дипломатија е последен светилник во светот.

Во време кога се чини дека многу се откажале од неа и постојат многу други приоритети во светот, јас верувам во овој последен светилник и посветеноста за овој форум во Македонија ни дава надеж и инспирација да продолжиме во време кога тоа не е лесно да се направи. Се надевам дека многу други земји во светот ќе го следат примерот на Македонија и ќе го земат предвид овој последен светилник кој може да ни даде насока како може да ги балансираме економијата, политиката и културата, истакна Донфрид.

Каталин Анамарија Боѓај, претседателка на Националната комисија за УНЕСКО на Унгарија и Асоцијацијата на ОН на Унгарија, посочи дека културното наследство не е ограничено само во споменици и историски предмети, туку живее во знаењето, вештините, традициите и практиките што заедниците ги препознаваат како дел од нивниот идентитет.

Во време кога глобализацијата честопати се заканува на културниот диверзитет и традиционалното знаење, нè потсетува дека мајсторството во која било уметност може да служи како мост помеѓу минатото и иднината, помеѓу традицијата и иновацијата, помеѓу локалниот идентитет и универзалноста, рече Боѓај.

Четвртиот Форум за културна дипломатија Скопје 2026, на тема „Од крстопати кон поврзувања: Културната дипломатија и иднината на глобалниот дијалог“, свечено ќе биде отворен утре во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во рамки на свеченото отворање ќе се одржи воведна сесија и панел-дискусија на тема „250 години подоцна: Демократијата, културната моќ и значењето на глобалниот дијалог во свет во промени“, чиј домаќин ќе биде шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски.

Поврзани вести