Skip to main content

Археолошки музеј го реализираше проектот “Јас – археолог”

Националниот Археолошки музеј го реализираше проектот “Јас – археолог” под раководство на м-р Марија Рабаџиска, водич во музејот. Проектот има за цел да ја прикаже од прва рака работата на археолозите и процесот низ кој минува еден археолошки предмет од моментот на пронаоѓање до моментот на изложување во музејските витрини.

За таа цел, учесниците во проектот, учениците од III4 одд. од ООУ Ѓорѓија Пулевски од Скопје, ја посетија Источната некропола на археолошкиот локалитет Скупи и тековните археолошки истражувања, при што им беше презентирана методологијата на археолошки истражувања.

При посетата на Скупи, конзерваторите од Музеј на град Скопје ги запознаа учениците со техниките на конзервација, како и процесот на водење документација за пронајдените археолошки предмети.

Преку проектот „Јас-археолог“ кој ќе се реализира и во иднина, музејот ќе се обиде да придонесе кон продлабочено разбирање на работата на археолозите преку интерактивни активности, едукативни работилници и практични демонстрации. Програмата е наменета за ученици, студенти, но и за пошироката јавност, нудејќи им можност да се запознаат со методите на ископување, анализа и зачувување на археолошките наоди.

Главната цел е да се поттикне љубопитноста за минатото, да се промовира значењето на археолошкото наследство и да се инспирираат идни генерации археолози.

Поврзани вести