Skip to main content

Турција во шок: Aктерката Еџе Иртем го прослави 35 роденден и почина

Турската актерка Еџе Иртем, која на македонската публика ѝ е најдобро позната по улогата на Ишил во мегапопуларната серија „Шербет од брусница“, ненадејно почина на 35-годишна возраст, јавија турските медиуми. Според првичните информации, на младата актерка ѝ се слошило наутро во нејзиниот дом додека била со нејзината мајка, а медицинските екипи не успеале да ја спасат по претрпениот силен срцев удар.

Смртта на Иртем предизвика голем шок во јавноста, особено поради фактот што трагедијата се случила непосредно по нејзиниот 35-ти роденден. Актерката, родена на 14 јуни 1991 година, само неколку часа пред смртта на социјалните мрежи им се заблагодарувала на пријателите за честитките, кои сè уште стојат на нејзиниот профил.

По повод трагичниот настан, со официјално соопштение преку менаџерската агенција се огласи нејзиниот адвокат Угур Гокујун: Мојата клиентка Еџе Иртем почина денеска околу 12:00 часот. Настанот се случи во нејзиниот дом додека беше со својата мајка. Според првичните наоди, сметаме дека причината за смртта е срцев удар. Истрагата е во тек, а точната причина официјално ќе биде соопштена по обдукцискиот извештај. Јавноста ќе биде дополнително информирана кога ќе пристигнат резултатите. Изразувам најдлабоко сочувство до нејзиното семејство и до сите нејзини најблиски.

Еџе Иртем е родена во Сивас во 1991 година, а во 2014 година дипломирала на Отсекот за опера и соло пеење при Универзитетот „Јашар“ како трета во својата класа. Покрај тоа што во младоста се занимавала со атлетика, нејзината вистинска пасија била глумата, поради што завршила и престижна школа за актерство во Културниот центар Садри Алишик во Истанбул.

Најголемата слава и регионална препознатливост ја стекна токму со одличната изведба на ликот Ишил во хит-драмата „Шербет од брусница“, која урива рекорди на гледаност на Балканот.

Поврзани вести