Skip to main content

Изолирани од реалноста

Кај нас во Македонија, особено во македонската политика постојат неколку стари навики кои никако да бидат напуштени. Кога немаш што да понудиш, обиди се да создадеш привид. Кога немаш визија, измисли некаква криза. А кога немаш поддршка од граѓаните, направи сè за да ги убедиш дека проблемот не е кај тебе, туку кај сите други.
Веќе со години и во континуитет СДСМ настојува да ја наметне тезата дека ВМРО-ДПМНЕ, а сега и Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски, се меѓународно изолирани. Тоа е политичка порака која што постојано се повторува и повторува, уште од времето на Заев. Тоа е теза преку која СДСМ игра на картата дека честото нејзино повторување ќе ја претвори во вистина.
Но, дали е вистина?
Дали тезите на СДСМ се издржани и точни или пак фактите говорат нешто сосема поинакво? Како изгледа една меѓународно изолирана влада?
Дали една изолирана влада изгледа така што нејзиниот премиер има средби со претседатели, премиери, канцелари и највисоки европски функционери? Дали изгледа така што во Македонија доаѓаат европски претставници, а македонските власти се присутни на клучни регионални и меѓународни собири? Дали е изолација кога се отвораат нови канали за комуникација и се градат нови партнерства?
За СДСМ, очигледно да!
Меѓународната активност, а со тоа и потенцијалната изолација за која што зборува СДСМ не се мери со прес-конференции, соопштенија или политички квалификации презентирани од челниците на СДСМ. Таа се мери со дипломатска активност, со бројот на средби со шефови на држави и влади, со средбите на министерско ниво, со присуство на меѓународни форуми, со отворени канали за комуникација и со реални политички контакти. Ако тоа се критериумите, тогаш многу тешко е да се објасни како една „изолирана“ влада во само неколку месеци остварува интензивна комуникација со највисоките европски и светски претставници.
Во само неколку месеци јавноста беше сведок на дипломатска активност каква што опозицијата упорно се обидува да ја игнорира. Видовме средби со Макрон, Мерц, Ердоган, Пленковиќ, Кошта, наскоро Кос, како и бројни средби и разговори со лидери од регионот и Европската Унија. Сведочиме на постојано присуство на најважните политички форуми, како и најави за нови дипломатски иницијативи.
Ако тоа е изолацијата за која зборуваат од СДСМ, тогаш зборот кај нив одамна го изгубил своето значење!
За волја на вистината, ние треба да зборуваме за друг вид на изолација која е многу важна и многу присутна на македонската политичка сцена. Тоа е изолацијата во која што се доведе и наоѓа токму СДСМ.
Веќе подолго време е забележително отсуството на позначајни меѓународни активности на СДСМ. Во период кога владините претставници имаат интензивни контакти со европски и регионални лидери, опозицијата ретко може да покаже средби или иницијативи кои што би имале сериозна политичка тежина на меѓународен план. Наместо да биде релевантен соговорник во европските политички кругови, таа сè почесто останува заробена во домашните и внатрешните партиски пресметки.
Но тука не е крајот на приказната. Најголемата политичка изолација не доаѓа од Брисел, Берлин или Париз. Таа доаѓа од сопствените граѓани и поддржувачи.
Најголемиот проблем на СДСМ не е недостатокот на меѓународни контакти, кој што и така го нема, туку губењето на довербата кај македонските граѓани. Во СДСМ упорно не ја напуштаат погубната реторика и политики кои ги влечат се подлабоко кон дното.
Поразите на изборите не беа случајност, туку резултат на долг процес на разочарување кај јавноста. Веќе претставува политичка аксиома дека токму политиките кои што СДСМ ги водеше во односите со Бугарија создадоа чувство на национално понижување, а прифаќањето позиции што не беа доволно заштитнички кон македонските национални интереси ја бетонираа нивната изолација меѓу граѓаните.
Значителен дел од јавноста ги доживуваше тие политики како сервилни, непропорционални и еднострано отстапувачки. Наместо во СДСМ да го разберат тоа и да извлечат поуки, тие и денес продолжуваат со истата реторика. Продолжуваат да ја обвинуваат власта за изолирана, а во исто време да ги бранат истите позиции кои што ги оддалечија од голем број гласачи. Токму затоа СДСМ денес не се соочува само со пад во поддршката, туку и со сериозен проблем на кредибилитетот и веродостојноста на она што го говорат.
Затоа, изолацијата од граѓаните е многу поопасна од која било наводна дипломатска изолација. Влада која што има поддршка од народот може да ги надмине и најтешките меѓународни предизвици. Но, политичка партија која што ја губи врската со сопственото членство и со пошироката јавност, многу тешко може повторно да стане релевантен фактор.
Уште еден интересен феномен е видлив кај СДСМ и на нивните социјални мрежи. Во време кога политичката комуникација се одвива директно меѓу политичарите и граѓаните, многу профили и страници поврзани со опозицијата воведуваат ограничувања на коментари, рестрикции на дискусии или селективен пристап кон јавната комуникација. Објаснувањето е дека се жртви на организирани напади или координирани кампањи.
Ниту една кампања или организиран напад не може да победи квалитетна политичка понуда, аргументирана дебата или политичка борба заснована на факти. Ниту една лажна вест не може да биде посилна од вистината, а ниту една политика која го штити интересот на граѓаните не може да биде срушена со манипулации и сервилност. Доколку политиките на СДСМ навистина беа заштитнички кон народот, а нивната реторика се засноваше на аргументи, секој напад врз таквата поставеност ќе беше контрапродуктивен за напаѓачите.
На СДСМ не им бегаат поддржувачите и гласачите затоа што партијата е неправедно напаѓана, туку затоа што самите можат да ги споредат понудените аргументи и да дојдат до заклучок за тоа како стојат работите. Сериозна политичка партија не смее да бега од политичка дебата и конфронтација на ставови. Секоја самоизолација наметнува дополнителна изолација на поширок план. Тоа е толку едноставна логика која што челниците на СДСМ никако да ја прифатат.
Тука доаѓаме до моментот во кој со право може да кажеме дека СДСМ е изолирана од реалноста. Тоа е најголемата изолација што еден политички субјект може да си ја приреди самиот на себе. Наместо анализа на сопствените грешки, фокусот е ставен исклучиво на неаргументираната дискредитација на Владата. Наместо реформирање на партијата, бележиме затворање во тесен круг на истомисленици и отсуство на подготвеност за борба на мислења. Наместо да ги чита пораките кои што доаѓаат од граѓаните, раководството се однесува како таквите пораки да се сосема неважни.
И на крајот, додека граѓаните со внимание ги следат и се интересираат за прашања од областа на економијата, инвестициите, потребата од повисоки плати и подобар животен стандард, опозицијата останува заглавена во сопствените политички наративи кои својот корен го влечат уште од времето на Шарената револуција. Затоа, нема поголема изолација кога самиот избираш да останеш изолиран во минатото без никаква желба и подготвеност да погледнеш околу себе и да ја видиш реалноста.

Поврзани вести