
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека Велика Британија ќе ја одигра својата „целосна улога“ во придвижувањето на поморскиот сообраќај низ Ормуската Теснина, откако американскиот претседател Доналд Трамп постигна договор со Иран.
Говорејќи на самитот на Г7 во Евијан ле Бен во Франција, на кој присуствува и Трамп, Стармер му честиташе на американскиот претседател за „важниот пробив“.
Трамп изјави дека договорот ќе овозможи нафтата повторно слободно да тече низ Ормуската Теснина, која е витална рута за поморскиот сообраќај од Персискиот Залив. Тој додаде дека теснецот би можел целосно да биде отворен уште в петок, кога договорот ќе биде потпишан во Швајцарија.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција би можела да испрати борбени авиони во патрола над теснецот уште денеска, како и дека веќе има носач на авиони во тој регион.
Дозволете ми прво да кажам колку го поздравуваме договорот што претседателот Трамп успеа да го постигне во оваа ситуација, и да му честитам нему и на посредниците за завршената работа, бидејќи ова е навистина важен пробив – изјави Стармер.
Тука на Г7 дискутиравме за деталите од тој договор и за тоа како да ја отвориме Ормуската Теснина што е можно побрзо – додаде тој.
Стармер потсети дека тој и Макрон обединија група земји подготвени да ја одиграат својата улога во смисла на гарантирање безбедност за премин на бродовите низ теснецот.
Тоа е исклучително важно за повторното отворање на теснецот, многу, многу важно за нас во Обединетото Кралство, бидејќи, секако, затворањето на теснецот на овој начин имаше влијание врз нашата економија и врз секое домаќинство во земјата, така што ќе ја одиграме нашата целосна улога во однос на тоа – рече Стармер.
Велика Британија и Франција ги предводат плановите за одбранбена мисија со цел заштита и осигурување на безбедноста на бродовите во каналот откако ќе завршат непријателствата, што вклучува и распоредување на автономна опрема за откривање на мини.
Трамп вчера изјави дека не верува оти на САД ќе им биде потребна „голема помош“ за да го осигурат слободниот премин на бродовите во Ормуската Теснина поради мировниот договор со Иран. Сепак, американскиот претседател додаде дека не мисли оти е „лоша идеја да има по некој брод“ од други земји стациониран во овој стратешки воден пат.
Иако договорот ќе го запре конфликтот, ќе ја укине американската блокада и повторно ќе го отвори стратешкиот теснец, тој ги остава спорните нуклеарни планови на Иран за понатамошни преговори.
Иранскиот министер за надворешни работи изјави дека договорот за прекин на војната со САД исто така бара Израел да се повлече од Либан. Израел не е дел од овој договор.(МИА)

Македонски



