
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека НАТО излегува „посилен и пообединет“ од самитот во Анкара, при што Доналд Трамп го пофали неговиот „дух“, и покрај тоа што критиките на американскиот претседател кон алијансата се закануваа да го засенат дводневниот состанок.
Стармер рече дека лидерите го „постигнаа она што сакаа да го постигнат, а тоа е единството“, дури и откако Трамп претходно на состанокот се закани дека ќе ги изнесе своите проблеми, вклучувајќи ги и оние за Гренланд и Иран.
Трамп ги опомена европските држави дека не плаќаат доволно за одбрана, што беше клучно прашање на самитот, при што генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ги повика сојузниците да претстават „кредибилни“ планови за достигнување на целта од 5 отсто од БДП за одбранбени трошоци.
– Немав никаква дискусија со Доналд Трамп во која тој ми посочи некаков проблем во врска со одбранбените трошоци на Обединетото Кралство – рече Стармер. Тој исто така инсистираше на тоа дека „секогаш добро се согласувал“ со американскиот претседател, дури и откако се соочи со негови повеќекратни критики, пренесе ДПА.
Пред самитот, Трамп повторно упати остри критики поради одбивањето на Обединетото Кралство да му дозволи на Вашингтон да ги користи британските бази за лансирање напади против Иран на почетокот на војната. Трамп го повтори и своето тврдење дека Гренланд, кој ѝ припаѓа на сојузничката во НАТО – Данска, треба да биде дел од САД, и ги нападна сојузниците за тоа што не ја поддржале неговата војна против Техеран.
Стармер, кој седеше до Трамп на собирот на Северноатлантскиот совет, потоа изјави дека Трамп го пофалил „единството на состанокот“.
– На крајот, претседателот Трамп даде резиме и рече дека е многу задоволен и ги поздрави духот и единството на состанокот. И затоа, во однос на тоа каков е исходот овде и одговарајќи на прашањето дали НАТО е посилен и пообединет по овој самит? Тогаш одговорот на тоа е да – изјави британскиот лидер.
Тој додаде: „Ова беше добар самит. Го постигнавме она што сакавме да го постигнеме, а тоа е единството. Толку е важно да го имаме тоа, особено со актуелните конфликти во Украина и конфликтите во Иран.“
На самитот, Стармер потпиша одбранбен договор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој го отвора патот за понатамошен ангажман и споделување разузнавачки информации меѓу двете нации.
Тој исто така претстави и партнерство на околу 12 европски нации кои се договорија да потрошат вкупно 50 милијарди долари за развој на ракети со голем дострел. Таканеречените ракети за „длабоки прецизни удари“ (deep precision strike), вклучувајќи ги и ракетите од британско производство „Сторм Шедоу“ (Storm Shadow), се покажаа како клучни во војната во Украина, дозволувајќи им на украинските сили да погодуваат цели далеку зад линијата на фронтот.

Македонски



