Skip to main content

Руте: Самитот на НАТО беше исклучително успешен, Алијансата испорачува резултати

Министерство за одбрана

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, го оцени самитот на Алијансата како „исклучително успешен“, истакнувајќи дека сојузниците не само што ги исполнуваат преземените обврски, туку веќе остваруваат конкретни резултати во зајакнувањето на колективната одбрана, инвестициите и модернизацијата на Алијансата.

На завршната прес-конференција, Руте порача дека главната порака од самитот е дека НАТО ја претвора политичката определба во конкретни дела.

„Пораката од овој самит е едноставна: НАТО испорачува резултати. Пред една година им се заблагодаривме на сојузниците кои донесоа историски одлуки за зајакнување на нашиот сојуз. Овде во Анкара, каде што бевме одлично пречекани од претседателот Ердоган, покажавме дека тие обврски сега се исполнуваат“, изјави Руте.

Тој посочи дека инвестициите во одбраната продолжуваат да растат низ целата Алијанса, а европските сојузници и Канада преземаат сè поголема одговорност за заедничката безбедност.

„Сојузниците го открија значајниот напредок кој е веќе постигнат кон инвестирање на 5 отсто од БДП во одбраната до 2035 година. Веќе достигнавме 4 проценти, на само една година од почетокот на овој 10-годишен проект. Така што, моментумот е јасен. Сојузниците продолжуваат да ги зголемуваат и основните одбранбени трошоци и пошироките инвестиции кои ја зајакнуваат нашата безбедност“, рече генералниот секретар.

Според него, станува збор за многу повеќе од финансиски вложувања.

„Тие ги создаваат капацитетите што ги бараат нашите одбранбени планови и го зголемуваат својот придонес во колективното одвраќање и одбрана на НАТО. Ова не е едноставно прашање на поголемо трошење пари. Станува збор за осигурување дека нашите вооружени сили го имаат она што им е потребно за да ги зачуваат безбедни нашите една милијарда луѓе во еден поопасен свет“, нагласи Руте.

Тој најави дека Алијансата сега е насочена кон исполнување на поставените цели преку побрзо производство, намалување на бирократските процедури, поголема отпорност, инвестиции во иновации и поблиска соработка со партнерите.

Како еден од најзначајните резултати од самитот, Руте ги издвои договорите постигнати на Форумот на одбранбената индустрија.

„Форумот на одбранбената индустрија во рамките на самитот на НАТО ја покажа решеноста на владите и на индустријата да соработуваат со најголема решителност. А бројките се неверојатни, вклучувајќи над 50 милијарди долари во нови договори за набавка за само еден ден. Лансиравме и нова голема иницијатива, ’Дронови на НАТО‘ (NATO’s Drones), во која сојузниците ќе инвестираат 40 милијарди долари во следните пет години“, изјави тој.

Руте најави и историска инвестиција во вредност од 27 милијарди евра за модернизација на системот за складирање и дистрибуција на гориво, вклучително и изградба на нови нафтоводи кон источниот дел на Алијансата.

Дополнително, НАТО ќе ја интензивира примената на современи технологии, меѓу кои и напредни модели на вештачка интелигенција, како и развој на интероперабилна трансатлантска борбена платформа.

Генералниот секретар истакна дека сојузниците ја потврдиле и цврстата поддршка за Украина, најавувајќи најмалку 70 милијарди евра воена помош, опрема и обука за оваа година, како и идентичен износ во 2027 година.

„Самитот покажа дека Алијансата е посилна од кога било, обединета и подготвена да ја брани секоја педа од територијата на НАТО“, порача Руте.

Тој потсети дека лидерите повторно ја потврдиле посветеноста на членот 5 од Северноатлантскиот договор, според кој напад врз една земја-членка се смета за напад врз целата Алијанса.

На крајот, Руте оцени дека НАТО влегува во нова фаза на развој, која ја нарече „НАТО 3.0“, истакнувајќи дека европските сојузници, Канада и Соединетите Американски Држави преку заеднички инвестиции и индустриски партнерства создаваат помодерна и посилна Алијанса, способна да одговори на безбедносните предизвици во иднина.

Поврзани вести