
Лидерите на 32-те земји членки на НАТО денеска во Анкара почнуваат дводневни разговори за одбранбените трошоци и договорите за набавка на оружје, во време кога Европа се наоѓа под сè поголем притисок од Соединетите Американски Држави да преземе поголем дел од безбедносниот товар на алијансата.
Самитот, чиј домаќин е турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во неговата палата, ќе ги стави на тест повеќемесечните напори на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и на европските лидери да го смират претседателот Доналд Трамп, кој постојано ги критикува сојузниците за преголемо потпирање врз воените капацитети на САД и за одбивањето да ја поддржат неговата кампања против Иран, пренесе ДПА.
Како одговор на барањата на Трамп, сојузниците минатата година се обврзаа драстично да ги зголемат своите одбранбени буџети од 2 на 3,5 отсто од бруто-домашниот производ (БДП) до 2035 година, со дополнителни 1,5 отсто од БДП наменети за трошоци поврзани со одбраната. Додека Вашингтон го префрла својот фокус кон Индо-пацификот, Блискиот Исток и други региони, европските сојузници брзаат да ги пополнат празнините.
Самитот во Анкара ќе почне денеска со голем саем за воена индустрија, кој треба да им помогне на сојузниците да ги насочат растечките буџети во потребните капацитети и да ја подобрат одбранбената соработка меѓу сојузниците и поканетите партнерски земји, како што е Јужна Кореја. Трамп може да се надева дека ќе обезбеди одредени договори за американската одбранбена индустрија, бидејќи се очекува сојузниците да објават набавки вредни милијарди долари.
Одбранбените трошоци не се единственото минско поле со кое сојузниците во НАТО треба да се справат, особено откако Трамп неодамна се закани дека ќе ги повлече американските војници од Европа поради критиките за војната против Иран.
Во Европа, сепак, на таа војна воглавно се гледа како на непромислена и економски штетна офанзива која паѓа надвор од опсегот на НАТО како одбранбен сојуз. Неколку сојузници изразија и фрустрација поради недостигот на претходни консултации пред Вашингтон да ги почне нападите заедно со Израел.
Повеќе европски сојузници во НАТО, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција и Германија, ветија дека ќе се приклучат на потенцијална мисија за обезбедување на Ормуската Теснина. Но, со оглед на тоа што иднината на преговорите меѓу Вашингтон и Техеран е неизвесна, тензиите остануваат високи.
По индустрискиот настан, Ердоган во вечерва ќе биде домаќин на вечера за лидерите во својата претседателска палата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој треба да обезбеди ветувања за воена помош вредна 140 милијарди евра (160 милијарди долари), се очекува да им се придружи на лидерите на НАТО и да одржи средба во четири очи со Трамп, додека врши притисок врз сојузниците за дополнителни ракети за противвоздушна одбрана и за обновени напори за заживување на закочените мировни преговори со Русија.
Според плановите, сојузниците се обврзуваат да ја поддржат Украина со 70 милијарди евра годишно во период од две години за воена опрема, поддршка и обука.
Ова финансирање, сепак, треба да вклучува и заем од ЕУ за поддршка на вооружените сили на Украина во вредност од 60 милијарди евра за 2026 и 2027 година. Со тоа остануваат околу 40 милијарди евра кои сојузниците на НАТО би морале да ги покријат од своите национални буџети на годишно ниво.
Помошта главно ќе ја обезбедат европските членки на НАТО и Канада, бидејќи Трамп многу ја намали финансиската поддршка за Киев.
Ветувањето за помош има за цел да ѝ сигнализира на Русија дека НАТО сè уште стои зад Украина по повеќе од четири години војна, но и да му ја покаже на Вашингтон сериозноста на Европа во преземањето поголема одговорност за сопствената безбедност.
Лидерите на НАТО утре повторно ќе се состанат за консултации фокусирани на зајакнување на улогата на Европа во рамките на алијансата и за формално усвојување на заедничка декларација.

Македонски



