
Активистите за човекови права денес упатија критики кон декретот на италијанската влада за образованието, кој, меѓу другото, воведува ограничување од 30 проценти за бројот на ученици со недоволно познавање на италијанскиот јазик во училниците во италијанските училишта.
Даниела Јонита од организацијата „Италијанци без државјанство“ оцени дека италијанската премиерка Џорџа Мелони го презела овој чекор поради страв од новоформираните десничарски партии, пренесе „Гардијан“.
„Таа создава криза таму каде што всушност не постои. Се проценува дека 60 проценти од учениците кои би можеле да се опишат како странци се родени во Италија“, рече таа.
Јонита изјави дека реториката на Мелони во суштина претставува обид на владата да ги прикрие скромните резултати постигнати во бројни области.
„Ако ги отстраните сите декрети поврзани со безбедноста или мигрантите, политичката и економската агенда на владата би се распаднала“, рече таа.
Владата соопшти дека учениците родени и израснати во Италија – или оние кои посетувале најмалку две години предучилишна настава или завршиле три години школување во Италија – ќе бидат изземени од овие мерки.
Во петокот, Мелони на платформата „Икс“ изјави дека декретот вклучува и дополнителни мерки за учење на италијанскиот јазик, како и забрана за носење бурка и никаб во училиштата. Таа ги опиша овие мерки како „разумни“, истакнувајќи дека тие не ги делат учениците, туку ја поттикнуваат нивната интеграција, спречуваат создавање на „гето-одделенија“ и обезбедуваат еднакви можности за сите ученици.
„Ова е патот по кој сакаме да одиме: училиште што интегрира без да прави компромис со правилата, нуди поддршка на оние на кои таа им е најпотребна и им овозможува на сите да започнат од иста почетна позиција“, изјави Мелони.
Министерот за образование Џузепе Валдитара најави дека овие мерки, кои треба да стапат на сила во учебната 2027/28 година, ќе опфатат околу 1.000 училници, односно околу 0,3 проценти од ученичката популација. Новата партија „Национална иднина“ го привлече вниманието на гласачите со десничарски определби, а анкетите укажуваат дека таа би можела да освои околу осум отсто од гласовите на изборите што се очекуваат во пролетта 2027 година, пренесува „Танјуг“.

Македонски


