Skip to main content
ЧОВЕКОТ ШТО УЧЕСТВУВАШЕ ВО КАМПАЊАТА ЗА ПРОМЕНА НА ИМЕТО НА ДРЖАВАТА

Бубо Каров: Тројца амбасадори ме убедуваа да прифатам политички ангажман

Љупчо Бубо Каров откри дека тројца амбасадори се обидувале да го убедат да се вклучи во политичкиот живот, а претходно добил и покана да биде дел од „Шарената револуција“, која, како што вели, ја одбил.

Во гостувањето во емисијата „До полноќ со Топалова“, Каров раскажа дека за средбата со амбасадорите подоцна разговарал и со сопругата и децата. Иако не откри за кои амбасадори станува збор, објасни дека во разговорите биле изнесени очекувања за брзо придвижување на Македонија кон Европската Унија, дури и можност за членство во рок од шест месеци. Токму таквите очекувања, според неговото сведочење, биле меѓу причините поради кои решил да прифати советнички ангажман.

„Прво ме убедуваат да влезам во Шарената револуција и ги одбив“, рече Каров, објаснувајќи дека и тогаш имал став дека нема потреба политичките пораки да ги пренесува преку туѓи платформи.

Неговото политичко ангажирање, сепак, отвори и прашање за контрастот меѓу долгогодишната сатирична критика на власта преку култното „К-15“ и подоцнежното влегување во институционалните политички кругови.

На прашањето како од човек кој со години ја исмејувал власта стигнал до кабинетот на политичарите кои биле предмет на неговата сатира, Каров одговори дека во „К-15“ мета била политиката што ја воделе, а политичарите биле претставувани како нејзини носители.

„Отидов таму со надеж дека нешто ќе сменам“, објасни Каров, образложувајќи ја одлуката да прифати советничка функција.

Осврнувајќи се на претходните понуди што ги одбивал, Каров раскажа и како им ја објаснувал својата позиција на најблиските.

„Јас имам медиум преку којшто можам да си го кажам мислењето и нема потреба да одам некаде на друго место да чекам ред да си го кажам мислењето“, им велел, објаснувајќи зошто не сакал да се приклучи на политички иницијативи.

Неговото гостување повторно ја отвори темата за односот меѓу сатиричарите, јавните личности и политиката, но и за мотивите поради кои Каров, по долгогодишната критика на политичките елити, сепак решил да прифати институционален ангажман.