Skip to main content

Шекеринска: Во НАТО сите сме еднакви, кредибилитетот треба да го користиме и за прашањата со Бугарија

NATO Deputy Secretary General Radmila Shekerinska

Генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, оцени дека членството во Алијансата значително го зајакнува меѓународниот кредибилитет на Македонија и создава можност чувствителните прашања, вклучително и односите со Бугарија и евроинтеграциите, да се отвораат во духот на партнерството и сојузништвото.

Во интервју за 4News.mk, одговарајќи на прашањето за блокадата на македонските евроинтеграции и односите со Бугарија како сојузник во НАТО, Шекеринска истакна дека Алијансата не навлегува во прашања кои се однесуваат на една или две земји-членки, бидејќи сите сојузници имаат еднаков статус.

„Кредибилитетот којшто го создаваме во НАТО и влијанието што како рамноправна членка го имаме, секогаш дава можност за некои проблеми да се зборува на пријателески и сојузнички начин. Тоа секој ден треба да се користи“, нагласи Шекеринска.

Според неа, токму исполнувањето на преземените обврски во рамките на Алијансата придонесува Македонија да биде препознаена како сериозен и одговорен партнер, што позитивно се одразува и во односите со Европската Унија.

„Бидејќи сме на масата на НАТО така го зголемуваме и сопствениот кредибилитет и кога ќе кажеме, како што денеска кажувавме, дека испорачуваме, дека тоа што сме го ветиле го реализираме, тоа нѐ претставува во многу зрело светло кога ќе погледнат и од страна на членките на ЕУ, но и билатерално, да се покаже дека станува збор за сериозна и одговорна држава. Тоа, како држава којашто тешко ги поминувала овие чекори, мора секој ден на паметен начин да го користиме“, истакна таа.

Осврнувајќи се на Самитот на НАТО во Анкара, Шекеринска оцени дека Алијансата уште еднаш покажала дека знае да испорача конкретни резултати кога станува збор за безбедноста на своите членки.

„Не треба да очекуваме дека некој друг ќе ни ја плати безбедноста. Европа и Канада испорачуваат резултати на тој план. Алијансата ќе биде посилна, а во неа и Европа ќе биде посилна заедно со САД“, рече генералната секретарка на НАТО.

Таа додаде дека поддршката за Украина останува една од клучните определби на Алијансата, оценувајќи дека тоа претставува јасна порака до Москва.

„НАТО останува силно на поддршката на Украина и тоа е порака до Москва дека ниту една агресија не е и нема да биде прифатлива“, порача Шекеринска.

Поврзани вести