
Најмалку тројца луѓе загинаа, а повеќе од 20 се повредени во руски воздушни напади врз Украина во текот на ноќта и утрово, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски, а пренесе ДПА.
Двајца загинаа, а уште 14 се повредени во напад со балистичка ракета врз родниот град на Зеленски – Криви Рог, напиша тој на Телеграм. Уште еден човек загина во Суми, во североисточна Украина, а шестмина се повредени во Киев и неговата околина.
– Службите за итна помош работат на местата на руските напади од утрово и ноќта – изјави Зеленски. Тој истакна дека пожарите во Киев, каде што меѓу погодените објекти бил и пазар за книги, биле брзо изгаснати.
– Секаде каде што Русите можат да стигнат со своите ракети, тие напаѓаат цивилна инфраструктура – нагласи Зеленски и предупреди на нов бран руски напади.
Според него, оваа седмица Русија испукала над 1.550 дронови, близу 1.560 бомби и 62 ракети и крстосувачки ракети врз Украина. Зеленски повторно ги повика сојузниците да ја снабдат земјата со ракети за противвоздушна одбрана.
„Ако севернокорејски ракети уништуваат инфраструктура и одземаат човечки животи овде, во Европа, не можеме да дозволиме европските противвоздушни ракети едноставно да стојат во складиштата“, напиша украинскиот претседател. Неодамна тој ја обвини Русија дека користи ракети доставени од Северна Кореја.
Близу четири и пол години откако Русија ја започна масовната инвазија врз Украина, експертите забележуваат неодамнешно ескалирање на насилството, бидејќи двете страни користат сè побрзи оружја со уште поголем дострел. Сè повеќе цивили стануваат жртви во заемните напади со дронови, ракети и крстосувачки ракети.
Русија исто така пријави жртви и сериозни штети на инфраструктурата по масовни напади со дронови изминатата ноќ, особено во московскиот регион, забележува ДПА.
Украинските сили за противвоздушна одбрана неутрализираа 85 дрона и три управувани воздушни ракети Х-59/69 што руските сили ги користеа оваа ноќ, соопшти на Фејсбук командата на украинските Военовоздушни сили, а пренесе Укринформ.
Од 18:00 часот (по локално време) на 15 август, руските сили ги нападнаа Киев, Кременчук и Криви Рог со ракети „Оникс“, балистички ракети „Искандер-М“, С-400 и КН-23, испукани од руските Курска, Брјанска и Воронешка област, управувани воздушни ракети Х-59/69 испукани од воздушниот простор над привремено окупираната Херсонска област и руската Белгородска област, како и со 106 дрона „Шахед“ (вклучувајќи реактивни варијанти), дронови „Гербера“ и дронови-мамки од типот „Пародија“, испукани од Курск, Милерово, Орел, Брјанск и Приморско-Ахтарск во Русија, како и од окупираните Доњецк и Крим.
Главните цели биле во Киевската, Полтавската и Днепропетровската област. Рускиот воздушен напад бил одбиен од украински ловци, зенитно-ракетни единици, единици за електронска борба и беспилотни системи, како и од мобилни огнени групи.
Според прелиминарните податоци, до 08:00 часот на 16 август украинската противвоздушна одбрана соборила три руски управувани ракети Х-59/69, како и 85 дрона „Шахед“, „Гербера“ и други видови над северна, јужна, источна и централна Украина. Погодоци од руско оружје се регистрирани на 13 места, а остатоци од соборени цели паднале на три места.
Руски ракетни удари рано утрово предизвикаа пожари во два реони на Киев, при што е потврдено дека има тројца повредени. (МИА)

Македонски


