Skip to main content

Во Скопје мирен протест на Движењето „Ниту една повеќе“ против насилството врз жените

Со едноминутно молчење во спомен на жените и девојките чии животи беа насилно одземени вечерва во Скопје започна протестот на Движењето за слобода и правда на жените „Ниту една повеќе“. Протестот започна пред Собранието, поворката се движеше низ центарот на градот и ќе заврши пред Министерството за внатрешни работи.

Ова, како што беше посочено, е протест против институциите коишто цела година молчат.

– Нема повеќе изговори, нема да ви дозволиме да закопате уште една жена. Женската борба денес е борба за живот. Продолжува со сите нас и со почит кон сите жени, девојки и девојќиња чии животи беа насилно одземени – беше потенцирано на протестот.

Во обраќањата пред Собранието пред насобраните претежно млади девојки и момчиња претставниците на Движењето кажаа, како што беше нагласено, шест наредби до институциите и побараа тие да бидат реализирани до 10 декември – Денот на човековите права.

Денеска наредуваме шест конкретни наредби до институциите. Каде е сега итната постапка? Најитно донесување на законските измени за заштита од насилство, особено на Законот за спречување и заштита на жените и семејното насилство поднесени на 26 август во Собрание. Рокот ви е до 10 декември. Во спротивно ќе го славиме Денот на човековите права на 10-ти пред Собрание – рече Анастасија Павловска од Движењето за слобода и правда на жените „Ниту една повеќе“.

Таа исто така побара и носење на осумте закони за кои е формирана работна група, меѓу кои и законите за полицијата, за семејството, социјалната заштита, правосудството и други. Побараа најмалку 200 милиони денари за специјализирани услуги за заштита и поддршка на жртвите на насилство, активна работа за системско искоренување на насилството, усвојување и јавно објавување на заклучоците од собраниската Надзорна расправа за родовобазирано насилство со најконкретни институционални задолженија, рокови и механизми за следење.

Родовата еднаквост е уставна категорија и не само тоа, дел е од нашата антифашистичка историја, еманципација, и нашата гласност со тие вредности нема пиши-бриши поради странски влијанија и притисоци – рече Павловска.

Исто така побараа повлекување, на како што беше кажано, сите регресивни измени во законите за основно и средно образование, учебниците и сите други алатки и програми.

Во обраќањето пред Парламентот Мартин Џорлев рече дека одговорните треба конечно да преземат одговорност за фемицидите, за сета смрт, за корупцијата и за уништувањето на нивниот идентитет.

А на вас, оние кои стоите на патот на правдата, политичари, судии, полицајци, насилници, парољупци… на сите ви се обраќаме со многу гнев, ама и сепак со многу емпатија за своите сограѓани. Без правда, нема мир. Без луѓе нема правда, а тие луѓе сме сите ние и додека не ја добиеме правдата мир за вас ќе нема – рече Џорлев.

Заедно со демонстрантите беше и пратеничката Моника Зајкова од ЛДП, други политичари и личности од јавниот и општествениот живот во земјата.

Поврзани вести