
Извршниот одбор на Народната банка денеска одржа состанок за поставеноста на монетарната политика, на која е одлучено основната каматна стапка да се зголеми за 0,25-процентни поени, односно од 4 на 4,25 отсто – информира гувернерот Трајко Славески на денешната прес-конференција.
Како што беше кажано, одлуката се заснова на најновите податоци и информации и согледувањата за ефектите врз домашната економија од светските случувања.
Во однос на сегментите кои се клучни за монетарната политика, од почетокот на годината беше забележана поголема побарувачка на девизи од корпоративниот сектор, што услови поголемо присуство на Народната банка на девизниот пазар. Од почетокот на мај се бележи стабилизација на побарувачката на девизи, а најновите информации носат поголема извесност за брзо смирување на конфликтот на Блискиот Исток. Сепак, економските последици од геополитичките случувања се присутни, а неизвесноста во врска со темпото на целосната стабилизација на тековите и понатаму создава ризици. Опстојуваат и притисоците врз инфлацијата. Имено, во мај годишната стапка на инфлација забави во согласност со очекувањата, но таа и натаму е на повисоко ниво и укажува на продолжена инфлација и побавно враќање кон историскиот просек. Истовремено, и некои од домашните фактори што влијаат врз побарувачката и инфлацијата уште повеќе ја нагласуваат потребата од претпазливост при водењето на монетарната политика – појасни гувернерот.
Во вакви услови било оценето дека умереното затегнување на монетарната политика, заедно со досегашните измени кај другите инструменти – задолжителната резерва и макропрудентните мерки, ќе придонесат за одржување на стабилноста на девизниот курс, за стабилизирање на инфлацијата и за зацврстување на инфлациските очекувања, а соодветно ќе влијаат и врз кредитните услови во економијата. Беше кажано дека како резултат на засилените инфлациски притисоци во еврозоната, на последниот состанок на ЕЦБ каматните стапки биле зголемени за 0,25 п.п., што претставувало дополнителен фактор што се зема предвид при носењето на домашните монетарни одлуки.
Во однос на најновите податоци за главните макроекономски показатели, на крајот на мај девизните резерви изнесуваат 5.209,7 милиони евра и се во сигурната зона, а нивната промена засега е во согласност со проекциите за вториот квартал. Во текот на мај девизниот пазар беше стабилен, без интервенции од страна на Народната банка за надоместување на потребите за девизна ликвидност на економските субјекти. Во мај 2026 година годишната стапка на инфлација забави сведувајќи се на 4,8 проценти, од 5,7 отсто во април, главно под влијание на поумерениот раст на цените на храната, што се должи на повисоката споредбена основа од истиот период минатата година – информира гувернерот.
Сепак, тековните показатели упатувале на засилени инфлациски притисоци кај енергетската компонента, што создавало ризици за пренесување на ефектите и врз другите цени во економијата.
Ова делумно е видливо преку засилениот раст на базичната компонента на инфлацијата. Најновите проекции за увозните цени упатуваат на повисока странска инфлација и умерено нагорно ревидирани цени на енергентите и на дел од прехранбените производи во услови на одолжена неизвесност. Иако очекувањата на потрошувачите за растот на цените во следниот период се малку поумерени во споредба со претходниот месец, ризиците за инфлацијата претежно се во нагорна насока. Домашната економија и натаму покажува отпорност во услови на неизвесно надворешно окружување. Во првиот квартал од 2026 година реалниот раст на БДП изнесуваше 3,1 отсто, што е блиску до очекувањата од последниот циклус проекции. Расположливите високофреквентни показатели за вториот квартал сѐ уште не овозможуваат попрецизни согледувања, но априлските податоци упатуваат на раст на индустриското производство и послаби остварувања кај прометот во трговијата. Во монетарниот сектор, во согласност со првичните податоци за мај, растот на депозитите е во рамките на проектираниот, но динамиката на раст на кредитната активност и натаму е над очекувањата и влијае врз домашната побарувачка – додаде Славески.
Гувернерот потенцира дека Народната банка останува цврсто посветена на одржувањето на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото како основен предуслов за обезбедување ценовна стабилност на среден рок.
За таа цел, ќе продолжи со внимателно следење на домашните и меѓународните економски и финансиски движења, ќе ги оценува нивните ефекти врз девизниот пазар и инфлацијата и е подготвена да ги употреби сите расположливи инструменти за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност – истакна Славески.

Македонски



