
Паричната маса, депозитите и кредитите продолжиле да растат и во јуни годинава, покажуваат најновите податоци на Народната банка за монетарните движења.
Според извештајот, паричната маса (М3) во јуни е повисока за 1,8 проценти во однос на претходниот месец, главно поради растот на депозитните пари и краткорочните депозити. На годишно ниво, паричната маса е зголемена за 9,7 проценти.
Вкупните депозити во банкарскиот систем се зголемиле за 2,1 процент на месечно и за 9,9 проценти на годишно ниво. Раст е забележан и кај депозитите на компаниите и на домаќинствата, при што најголем придонес на годишно ниво има секторот домаќинства.
Вкупните кредити во јуни се зголемени за 1,4 проценти во однос на мај, а за 13,1 процент во споредба со истиот месец лани. Зголемување е регистрирано кај кредитирањето и на компаниите и на домаќинствата, при што поголем придонес има корпоративниот сектор.
Депозитите на корпоративниот сектор се повисоки за 5,2 проценти на месечно и за 8 проценти на годишно ниво, додека кредитите за компаниите бележат раст од 1,4 проценти на месечно и 14,2 проценти на годишно ниво.
Кај домаќинствата, депозитите се зголемени за 0,7 проценти во однос на претходниот месец и за 10,5 проценти на годишно ниво. Кредитите на домаќинствата се повисоки за 1,3 проценти на месечно и за 12,1 процент на годишно ниво.
Според намената, потрошувачките кредити во јуни пораснале за 1,5 проценти на месечно и за 11,8 проценти на годишно ниво, додека станбените кредити се зголемени за 1,6 проценти на месечно и за 16,6 проценти на годишно ниво. Автомобилските кредити се намалиле за 0,6 проценти во однос на мај, но се повисоки за 7,8 проценти споредено со истиот период минатата година.

Македонски


