
Премиерот Христијан Мицкоски очекува растот на БДП да продолжи и да изнесува помеѓу 3,5 и 4 отсто. Како што изјави денеска, Владата во овој период се задолжува за да врати стари долгови.
– Сите задолжувања се за проекти како овој, за враќање стари долгови, еврообврзници. Оваа година имаме еврообврзница од 700 милиони, следната година од 500 милиони, 2028-ма повторно 700 милиони, имаме камати и буџетски дефицит за реализирање капитални инвестиции и тоа се тековни расходи. Но, важно е дека имаме една од најниските инфлации во Европа, раст на БДП, на индустриското производство кое вчера го објави Државниот завод за статистика и тоа е еден од ретките примери во Европа. И уште многу работи можам да кажам. Дали е се решено, не е, дали има предизвици, има, зашто тоа што го наследивме од СДСМ и ДУИ беше катаклизма и катастрофа. Но, мотивирани сме да го решаваме секој предизвик, истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на Градскиот воз.
Тој потсети дека 2025 година заврши со 3,5 отсто раст на БДП.
– Оваа Влада беше избрана на 23 јуни 2024 година и 2024 година ја завршивме со раст на БДП од 3 отсто реален, а номиналниот беше блиску 2 и пол пати поголем, близу 7 проценти и бевме во горната половина од земјите од Европа. Минатата 2025 година ја завршивме со 3,5 отсто раст на БДП, а номиналниот беше над 8 проценти и бевме во првите 5-6 земји во Европа. Оваа година планираме до крајот на годината растот на БДП да биде помеѓу 3,5 и 4 отсто, значи тој континуиран раст на БДП реален да продолжи, а номиналниот да се движи околу 8 отсто. Предизвик повеќе е фактот што овој раст на БДП и овие податоци се случуваат во период кога имаме раст на европската економија помала од 1% на годишно ниво, а нас најголем трговски партнер ни е самата ЕУ, потенцираше премиерот Мицкоски.

Македонски

