
Валандово е мало гратче кое изобилува со историја, археологија и традиција во музиката.
Кога зборуваме за Валандово, зборуваме за археолошките локалитети: Исар, Марвинци; Исар, Кулата; Стакина чешма. Зборуваме за најстариот фестивал за новокомпонирана музика во стилот на македонската народна песна, Фолк Фест, Валандово. Зборуваме за традиционална локална храна приготвена од калинка, смоква и Валандовски дренак… Зборуваме за најтоплото гратче кое има дури 360 сончеви денови во годината.
Оваа манифестација во рамки на проектот „Валандовска (патувачка) книжевна ноќ“ ќе се одржи во Библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид, во среда од 12.00 часот.
Преку манифестацијата имаме цел да зборуваме за валандовската култура надвор од Валандово. Во програмата ќе бидат вклучени неколку активности.
Ќе биде отворена изложба на слики „Старо Валандово низ текот на 20 век“. Посетителите ќе имаат можност старата приказна за Валандово да ја доживееат преку фотографија и ќе можат да видат многу значајни кадри за животот на луѓето во Валандово од тој период. Ќе биде изложена дел од роднокрајната книжевна збирка која што се чува во Библиотеката „Гоце Делчев“ при Домот на културата.
Покрај сите други останати творци, писатели и локалци кои што направиле или прават обид за пишување, на манифестацијата ќе биде претставено творештвото на тројцата најплодни роднокрајни автори: Костадин Кајдамов, Апостол Поп Јовановски и Мирчо Карамучев.

Исто така, посетителите ќе имаат можност да дегустираат локална традиционална храна и локални производи кои што ќе бидат изложени и претставени на манифестацијата.
Проектот е финансиран и поддржан од страна на Министерството за култура и туризам.
Автор на проектот е Станка Бајлозова-Барламова, дипломиран книжевник и вработена во Домот на културата „25 Мај“, Валандово во областа на литературната дејност.
Учесник во проектот во делот претставување на роднокрајната збирка: Љилијана Нанова, долгогодишен библиотекар во Библиотеката „Гоце Делчев“, при Домот на културата а вклучен е и в.д. директор: Виктор Давчев.

Македонски



