
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски ги искажа своите очекувања за претстојните натпревари со Летонија и со Велс.
– Ни претстојат контролен меч со Летонија и последниот квалификациски натпревар против Велс, добра можност за мини подготовки пред важниот предизвик. Немав забелешки по дуелот со Казахстан, сите одиграа на високо ниво. Промените во текот на мечот беа тактички, во функција на тимот. Мечот со Летонија ќе го искористиме за да им дадеме шанса на играчи со помала минутажа и да пробаме одредени идеи, секако, важен е и за ФИФА ранкингот и идната ждрепка. Без разлика на тоа што мал дел од фудбалерите имаат континуирана минутажа во клубовите, секогаш даваат максимум во дресот на Македонија. За мене тие се феномени. Да играш на вакво ниво без ритам е за почит. Секој си го заслужил местото во репрезентацијата, истакна Милевски на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека отсуството на Езѓијан Алиоски ќе биде хендикеп за „црвено-жолтите“.
-Жал ми е што ќе недостига Алиоски, тој е важен за нас, но ова е шанса за другите да се наметнат. Против Велс одиме со ист пристап, без калкулации, со желба за победа и докажување дека Македонија со право е меѓу најконкурентните во баражот за Мундијал.
Домашниот натпреварот се Летонија ќе се игра на 13 ноември, пет дена подоцна (18 ноември) е гостувањето во Кардиф кај Велс.

Македонски







