Skip to main content

Големиот обединувач на десницата

orbanviktor.hu

Со денови пред изборите во Унгарија се ширеа шпекулации – од двете страни – дека на денот на изборите се можни инциденти. Од кабинетот на Орбан дури обвинија дека планираното место за собирот на партијата Тиса на Петар Маѓар – на релативно малиот плоштад Батањи на десниот брег на реката, е избрано намерно со цел собраните граѓани вечерта да ја запоседнат премиерската резиденција во замокот Буда. Од друга страна, од редовите на Тиса, се ширеа шпекулации дека во Будимпешта се уфрлени руски специјалци кои планираат напади врз собраните граѓани на плоштадот Кошут вечерта на изборите, за што потоа ќе биде обвинета Украина.

И секако дека беше шокантно да се види дека, по вакво подгревање на атмосферата, градските власти на Будимпешта и Владата дозволиле техно клуб да организира концерт на плоштадот Кошут, пред самата зграда на Парламентот. Кога велам пред самата зграда, мислам дека бината буквално беше пред влезот на зградата.

Орбан ова намерно ни го прави за да имаме чувство дека живееме во демократија, ми рече една поднапиена учесничка на концертот кој бргу се претвори во паралелен партиски митинг на Тиса. Толпите граѓани слободно се движеа од плоштадите Батањи до Кошут и обратно, преку метро линијата под Дунав. Самото тоа што метрото работеше непречено во услови на такви тензични шпекулации беше изненадувачко – особено несвојствено за „озлогласен автократски режим“ како тој на Орбан. Но да им дозволиш на политичките противници да донесат илјадници поддржувачи – под лажен изговор на „техно концерт“ – до самата зграда која го симболизира легитимитетот на државата, и пак да те обвинуваат дека си лажен демократ, ми беше навистина надреално.

Секако Орбан уште вечерта му честиташе на Маѓар, и без проблем го почна процесот на препуштање на власта. Дури и некои од неговите најгласни критичари почнаа гласно да се прашуваат дали претерале со обвинувањата дека Орбан е диктатор или автократ – каков е тој диктатор што можеш да го победиш на избори и кој си заминува од власт без збор? Идниот премиер Маѓар – големата демократска надеж – почна со закани кон новинарите на јавниот сервис дека ќе бидат отпуштени затоа што не го поканиле во емисија (иако самиот Маѓар до пред некоја година беше функционер на партијата на Орбан), за потоа да ги повика највисоките државни функционери, од претседателот надолу, да си поднесат оставки во рок од 10 дена. Но Орбан е диктаторот.

Секако, Маѓар доби честитки од демократските величини како Вон дер Лејен, Хилари Клинтон, Барак Обама, Владимир Зеленски и Алекс Сорос. Истите тие кои го обвинуваа Орбан дека дозволил внатрешно мешање во унгарската политика со тоа што го покани потпретседателот Џеј Ди Венс неколку дена пред изборите. Реалноста е дека транс-атланската десница може да сонува за механизмите за мешање во внатрешните работи на државите кои ги има левицата (за што и самите сме сведоци, со обоената револуција која ни ја организираа Обама и Сорос). Конкретно во случајот на Унгарија, Европската Унија и ускрати милијарди на државата – пари кои и следуваат од заедничките фондови во кои Унгарија и самата уплаќа – под обвиненија за наводно кршење на владеењето на правото (веројатно затоа што Орбан не дозволил ЕУ и режимот на Обама да му инсталираат некоја унгарска Катица која ќе води истраги). ЕУ потоа на Владата на Орбан и воведе казна од милион евра дневно затоа што одбиваше го прими фер процент од мигрантите кои земји како Германија и Шведска ги примија во 2015-2016 година како божемни азиланти. Орбан посочи на фактот дека Унгарија не ги поканила тие луѓе во Европа, напротив, направи се што можеше да го спречи нивниот наплив, и дека нема причина Унгарија да биде казнета за лудоста на Меркел. Сепак, овие казни и ускратени фондови сериозно се одразија врз унгарската економија, како што се одрази и одлуката на Украина да го разнесе нафтоводот Дружба на неколку месеци пред изборите, со што ги остави Унгарија и суверенистичката Словачка без нафта. Европската Унија со прст не мрдна да го обезбеди снабдувањето на двете непослушни земји-членки со енергенс, што не треба да не зачудува ако знаеме дека земји како Полска го славеа разнесувањето на Северниот Тек од „непознати сторители“. По изборите, Зеленски му најави на Маѓар дека нафтоворот волшебно се поправил, и останува само уште Маѓар да се договори со Путин за цената на нафтата. По изборите дојдоа и првите сметки за Унгарија – ЕУ му порача на Маѓар дека очекува бргу да го одобри пакетот од 90 милијарди евра за финансирање на војната во Украина, а дојде и првата мерка од досието владеење на правото – европски суд реши дека Унгарија ги прекршила правилата на ЕУ со тоа што донела закон со кој се забранува претставување на хомосексуална пропаганда пред малолетници. Законот е оспорен според правилото дека ЕУ има единствен пазар. Значи, пазарно решение е медиуми и невладини организации да можат непречено да им шират „родова“ пропаганда на децата и да им објаснуваат дека нивниот пол е променлива категорија. Останува да се организираат неколку геј паради за деца во Будимпешта и Унгарија ќе ги добие милијардите ускратени од Брисел. (Злобниците велат дека за овој закон особено се вознемирил поранешниот американски амбасадор во Унгарија Дејвид Пресман, кој во времето на Обама беше практично лидер на унгарската опозиција, нешто како Џес Бејли на стероиди, а приватно е „татко“ на две момчиња заедно со својот „сопруг“).

https://www.lgbtqnation.com/2024/06/gay-us-ambassador-denounces-hungarys-machinery-of-fear-used-to-attack-lgbtq-people

Поддржувачите на Тиса победата ја прославија со паролата „Русите дома“. Демек Орбан е про-руски човек. Еден од нив во метрото ми кажа дека конечно се ослободиле од Русија. Но, реално, колку може Русија да ти се меша во внатрешната политика, а колку Брисел? Русија и продава(ше) ефтини енергенси на Европа, разни други природни ресурси и повремено ќе преземеше некој медиум преку кој обично промовираше наратив дека Европа е преплавена со мигранти и и се заканува граѓанска војна. Лево-либералните политичари од ова заклучија дека во Европа нема изворна загриженост од демографскиот колапс и етничките/верските промени, туку дека сите политичари кои го креваат ова прашање мора да се платени од Русија. Од друга страна, Брисел очигледно може да ти ја менува содржината на Фејсбук страниците што ги следиш, да менува закон со кој бараш твоите деца да не бидат изложени на содржини кои може да им ги поматат умовите и да ти задржи милијарди евра ако не му се допаѓа твојата влада. Се ослободивте од Русите? Чекај да ги видиш Бриселчаните.

Ветувањето на Орбан (и предупредувањето на Џеј Ди Венс) беше дека Западна Европа тоне во граѓанска војна од низок интензитет и дека тој ќе стори се што може да ја зачува Средна Европа, како оаза на мирот, стабилноста и предвидливоста. Оригиналното ветување беше дека на оваа зона природно ќе и биде прилепена и Источна Европа, но војната во Украина го разби тој план. Сепак, Орбан ја промовираше Унгарија како мирна, безбедна, индустриски развиена, демографски стабилна држава, со еден светски град (космополитизмот на жителите на тој град на крајот му се акнаа од глава) која е се што Франција, Британија, Германија веќе не се. Со неговиот пораз, големото прашање е дали и колку бргу Унгарија (и Полска, Чешка, Словачка, Словенија..) ќе ги спроведуваат западните политики на деиндустријализација, семеен релативизам и демографска трансформација. Да бидеме реални, надежите дека МителЕуропа ќе биде оаза на стабилноста додека Западна Европа се раслојува и диверзифицира, дека Прага и Будимпешта ќе останат тоа што се додека Келн и Марсеј се трансформираат, од почеток беа нереални, но со Орбан барем имаше некаква шанса ова да се случи.

Една од најголемите придобивки на владеењето на Орбан е неговото влијание врз САД, администрацијата на Трамп и особено врз потпретседателот Џеј Ди Венс, кој ветува дека, ако стане претседател, тесно ќе соработува со суверенистичките десничарски движења во Европа. Орбан е во голема мерка заслужен што САД ги поставуваат прашањата на демографските промени во Европа на ниво на безбедносно прашање, го прозиваат Брисел за гушењето на слободата на говор и мешањето во внатрешните политички прашања на земјите-членки, местењето и поништувањето избори и злоупотребата на војната во Украина за воведување на политичка репресија. Во времето на Обама и Бајден беше незамисливо да се слушне американска критика за ЕУ – денес е прилично јасно дека американските политичари од времето на Обама и Бајден ги диригираат политичарите во ЕУ и ја користат Европа како база за дејствување против американската влада.

Останува отворено прашање дали и што Трамп мисли да направи во врска со ова. Најефикасна и најморална мерка ќе биде да стави крај на војната во Украина со што крилото и во САД и во Европа кое заговара нејзино продолжување ќе загуби политичко влијание. Но, засега не гледаме дека Трамп сака или може да го направи ова. Либералната левица поразот на Орбан го слави како крај на десничарскиот суверенистички проект во Европа (а наскоро и во САД). Но, реалноста е дека ниту еден од проблемите кои доведе до подемот на Орбан (миграцијата, губењето на националниот карактер на државите, деиндустријализацијата) не е решен, туку напротив, постојано се влошуваат. Орбан падна како жртва на својот успех – владееше неверојатни 16 години (плус уште четири години во првиот мандат), направи се што планираше да направи, и нормално е дека им здосади на дел од гласачите, кои сепак признаваа дека ги сакаат неговите политики и ќе гласаат за политичар кој (лажно?) ветува дека ќе ги продолжи, но едноставно сакаат да видат ново лице на чело на државата. Можно е ЕУ на Маѓар да му дозволи да тера популарни суверенистички политики, по прашањето на мигрантите на пример, како што и дозволува и на Полска на Доналд Туск да има слобода по ова прашање, но под услов да продолжи со клучната улога што ја има во војната против Русија. Сепак, несомнено е дека Европа ќе смисли некоја нова деструктивна глупост (по мигрантскиот бран, одговорот на Ковид епидемијата и војната во Украина) која ќе ни ја сервира за некоја година, а Унгарија за жал овојпат нема да биде земјата која ќе го организира отпорот. Но, да се надеваме дека ќе ги имаме САД (а по изборите во 2027та можеби и Франција, Полска, Италија, Чешка, Словачка, Словенија..) да продолжат таму каде што Орбан водеше.
За да ја артикулира својата визија, Орбан во Будимпешта изгради сериозен десничарски интелектуален комплекс. Тој собра импресивна група експерти во областа на економијата, надворешната политка, правото.. Организации како Дунавскиот Институт и MCC и унгарската верзија на американскиот десничарски собир CPAC станаа центар на европската десница. Денес, Маѓар и критичарите на Орбан во ЕУ и САД го обвинуваат дека финансирањето на овие институции претставувало некаква тешка корупција и дека тоа мора да се истражи. Зборуваме за истите луѓе кои истураа милијарди долари и евра преку жестоко исполитизирани и идеолошки определени организации како УСАИД за да шират левичарски идеи и да финансираат левичарски невладини организации и „независни“ медиуми низ САД и цела Европа. Орбан само го копираше моделот на европската и американската либерална левица и го примени во средна Европа, во неспоредливо помал обем. MCC дури не беше ни вистински факултет, а сепак понуди некаква алтернатива на високото образование со кое доминираат левичарите. Критичарите на Орбан знаат дека не можат да го напаѓаат неговиот модел на идеолошко дејствување принципиелно, бидејќи самите го измислија и го применуваат стократно поинтензивно. Што ќе му кажат – дека држава не смее да финансира идеолошки обоени невладини организации? Дека не смее унгарски бизнисмени да помагаат медиуми во регионот? (сте слушнале за Сорос?) Па затоа ќе обвинуваат за наводна корупција (тука Трамп и Џеј Ди Венс се виновни што досега не спроведоа сериозна истрага во скандалозната корупција во УСАИД, на пример).

Како што левите либерали во САД и Европа се самозалажуваат дека Трамп, десните подкасти, Фокс Њуз или Русија ги испрале мозоците на нивните граѓани, па тие сега се загрижени за миграцијата, криминалот и корупцијата во нивните градови и држави, така и СДСМ се самозалажуваат дека Орбан е виновен што македонските граѓани се свртеа против нив. Божем на Македонците треба некој од надвор да им каже дека СДСМ максимално ги понижуваше во нивната сопствена држава, се подигруваше со суверенитетот на земјата, националните симболи, името, етничкиот сооднос на силите и ги лажеше со ветувањата за брз прием во ЕУ по што ќе потече мед и млеко. Со денови Филипче се радува на победата на една десна партија против друга десна партија во Унгарија, и некако смета дека заморот на Унгарците по деценија и пол власт на Виктор Орбан (камо среќа сите во животот да доживееме таков неуспех по 16 години поминати на самиот врв во дејноста со која сме одбрале да се занимаваме) значи дека и Македонците ќе се зажелат за нова доза СДС по само две години од нивниот крах. СДСМ, чија обоена револуција беше базирана на странско замешателство и финансирање на медиуми и невладини организации сега обвинуваат една телевизија која беше формирана од новианри блиски на СДСМ буквално како експонент на грчкото влијание и интереси во Македонија дека била под унгарско влијание. Другари, на вас очигледно ви пречи кога во медиумите има македонско влијание.
Многу е погрешно да се каже дека Орбан бил промотор на македонските национални интереси (како што во последно време, покрај Филипче, сакаат да кажат и политичари во Бугарија). На конференциите CPAC можеле да се видат македонски учесници, но и на пример еден Каракачанов. Во едниот случај кога премиерот Мицкоски се обрати на CPAC, истиот ден свој говор држеше и грчката ултра-националистка Афродити Латинополу. Македонија најде заштитник на своите интереси во Орбан не затоа што Унгарија ја поддржуваше Македонија во историскиот спор против Бугарија или Грција, туку затоа што Орбан ги поддржуваше сите патриотски суверенистички движења во Европа. Човекот се обидуваше да постигне нешто досега невозможно, да направи интернационално национално движење. На неговите конференции доаѓаа луѓе што немаат ништо заедничко, односно имаат заедничка патриотска идеологија, но таа честопати е во конфликт со учесниците на конференцијата од соседните држави. Тоа беше генијот на Орбан, да донесе на едно место луѓе кои им сакаат добро на своите нациолани држави, но поради историски или територијални спорови досега не можеле да соработуваат со сродните партии од соседството, Унгарците со Словаците и Романците, Србите со Хрватите, Македонци, Бугари и Грци, Пољаци и Германци.. Орбан разбираше дека левите движења се координираат меѓу себе за да им наштетат и да ги трансформираат своите народи и национални држави, кои веќе нескриено ги презираат, и дека ако десницата сака да пружи организиран одговор, десните партии не мора да се сакаат, но мораат заедно да работат против заедничките непријатели на своите држави па и на човештвото во целина.

Поврзани вести