
Како можеме да донесеме мир во овој човечки свет на Земјата?, праша на почетокот од своето обраќање Анеке Брасинга, годинашен лауреат на наградата „Златен венец“ на СВП, во црквата Света Софија во Охрид, каде вечерва се подржа традиционалниот поетски портрет.
Денес, 27 јуни, бидејќи е еден од најдолгите денови во годината на оваа хемисфера, ние, собрани овде заради поезијата, имаме време за да го спасиме овој стар свет за новите генерации. И, како да го оствариме чудото на мирот? Која е моќта на поезијата? Може ли таа да нè спаси од хаосот, од пресвртите, од ужасите на војната?
Во 1939 година, британскиот поет Одн напиша: „поезијата не прави ништо да се случи: таа опстојува“ – сепак, понекогаш би изгледало како благослов ако поезијата, како универзално ценета традиција, можеше да спречи некои нешта да се случат; како денес, кога гледаме во разгорената светлина на разорното насилство, како суровоста и нехуманоста се прикажуваат ширум светот. И јас би била среќна и благодарна за ова чудо – тука, сега, ненадеен, траен мир – донесен преку еден невин чин на волшепство, како што е рецитирањето песна.
А сепак, поезијата: „опстојува“, така одговара Одн, двапати, на неговата забелешка во рамките на оваа песна во три дела, напишана на денот на смртта на поетот В.Б. Јејтс. Застрашувачка година беше таа: 1939-тата. Во последниот стих од вториот дел, тој вели: „таа опстојува, / начин на случување, уста.“
Во третиот дел од својата песна, Одн ни се обраќа директно: нам, на публиката, на поетите. И неговиот глас како да одекнува во нашата сегашност, како предвидување:
„Интелектуален срам
Зјапа од секое човечко лице,
И морињата од сочувство лежат
Заклучени и замрзнати во секое око,
Следи, поету, следи право
До самото дно на ноќта,
Со својот невоздржан глас
Сè уште убедувај нè да се радуваме;
Пеј за неуспехот човечки
во занес на очај;
[…]
Во затворот на неговите денови
Научи го слободниот човек како да слави.“
Ова е двосмисленоста, внатрешниот јаз, што ја прави поезијата неопходно средство за опстојување: човекот што е истовремено слободен и заробен. Со вечната потреба да прави нештата да се случуваат – жетва, просперитет, судир, бомбардирања, инвазии – без никаква шанса за мир, а сепак чинот на магија што го повикува мирот ќе опстои, славејќи се себеси како нешто што се случува онаму каде што ништо не се случува, во сегашноста изгубена во времето. Се чини дека поезијата е создадена за тоа.
Да пишувам поезија за мене значи: да имам живот. Не преку заработување на дневното парче леб – не, не леб – туку преку тоа што ми дозволува да дишам. Небаре ставањето зборови на хартија (го нарекуваме тоа „чкртање“) да е вежба по преведување за внатрешното уво и внатрешното око: преработка на дополу уловени, промрморени фрагменти од нешто итно значајно, и каприциозни мозочни импулси, што лебдат како огнот на Свети Елмо, во јасни самогласки и одделни согласки, во ритмички шаблони од кои, додека ги изговарам, извира жива форма што лебди или полетува на мојот здив. Не сакам да кажам дека здивот ми е како здивот на Духот свети, кој „се лебдеше над површината на водите“ во библиската Книга Битие – дишењето, за смртно битие како мене и вас, е едноставно начин да се остане жив.
Опстојувањето во живот има врска со слободата. Слободата има врска со јазикот и комуникацијата, не само во онаа трансакциска смисла – „јас на тебе – пари, ти на мене – леб“, туку уште повеќе во симболичка смисла. Таму насилството и конкуренцијата се во мирување и таму се согласуваме да влеземе во една област на јазикот и говорот како основа, како тло за препознавање: во способноста да се биде едно, да се формира, за миг, еден збратимен дух вклучен во внатрешен дијалог. Во тој дијалог обајцата, поетот и читателот, се (за миг) совршено и (конечно) искрени и совршено еднакви.
Тоа функционира како поезијата, земена во својата крајна симболичка и егзистенцијална цел: достоинствено заедништво, еротска медитација, молитва упатена до создавањето како продолжение на постанувањето, во тек на безгранична, неодредена интеракција. Моќта на поезијата е во нејзиното одбивање на доминација.
Слобода! Сите ние доаѓаме на светот без некој да ни побарана дозвола; товарот на постоењето што ни е наметнат е она што го нарекуваме „судбина“ – затоа поимот „слобода“ е најскапоцениот и највредниот елемент на душевната храна што треба да се негува во затворот на животот, телото и општеството. Како што пишува Одн во првиот дел од својата песна: „И секој во ќелијата на себеси е речиси убеден во својата слобода.“ Речиси. Таа не бара моќ, ниту богатство, ниту слава, ниту заштита; таа е недопирлива оти слободата е отсуство, зона на луцидно мирување помеѓу јадрото, пештерата, она „јас“ на умот и на надворешниот свет. Таа е простор без големина или размер.
Во пишувањето поезија, премолчената витална сила нè поттикнува да го обликуваме и коваме јазикот во жива статуа, пород на Размислувањето и Интуицијата. Исто како што воздухот од белите дробови го крепи говорниот глас, така и потребата за слобода го крепи текот на говорот.
Се собравме овде во Струга за да се слушнеме како заедно ја славиме оваа недопирлива стихија, оваа невидлива супстанца која е извор на виталност во човечкиот ум. Таа може да ги нахрани другите и носи среќа и радост на слободата. Таа ќе ни овозможи да издржиме и да опстоиме. Затоа сум пресреќна што сум овде, за да ја примам и да ја дадам оваа радост.
Ви благодарам на сите, од сè срце.
Мојата најголема благодарност оди кај Ели Пујовска, која ги посвети своите јазични таленти на преведувањето на моите песни, како и на импресивен спектар на целата холандска литература, со толку многу љубов, знаење и прецизност. Во преводот, поезијата, мирот и слободата нека се сплотат, нека биде ова привремен заклучок со кој би се согласил Валтер Бенјамин (авторот на познатиот есеј „Задачата на преведувачот“), рече Брасинга.

Македонски



