Skip to main content

Фисник Меља: Потпишувањето на договорот за „One Stop Shop“ историски момент за Дебар

По потпишувањето на Договор за воспоставување заеднички гранични премини и спроведување заеднички гранични контроли меѓу Македонија и Албанија реагираше дебарскиот градоначалник Фисник Меља, оценувајќи го како еден од најзначајните моменти за Дебар и целиот пограничен регион. 

За Дебар и целиот регион ова не е само административен договор. Ова е инвестиција во економскиот развој, туризмот, трговијата и во зајакнувањето на врските меѓу граѓаните од двете страни на границата, наведува тој. 

Меља додава дека моделот „One Stop Shop“ значи пократко време на чекање на граничниот премин, побрзи процедури, послободно движење на граѓаните и поефикасна соработка меѓу институциите на двете држави.

Сега очекуваме во многу краток рок да започне и практичната имплементација на моделот One Stop Shop, претворајќи го овој договор во реалност што ќе ја почувствува секој граѓанин. Од ветувања преминуваме кон дела – во служба на Дебар и неговата иднина, нагласува Меља. 

Тој  на преминот „Блато“ кај Дебар го дочекал министерот Тошковски и заедно продолжиле за Пешкопеја. 

Во овој албански град, кој е на оддалеченост од само 27 километри од Дебар, договорот го потпишаа македонскиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот албански колега, Бесфорт Љамалари. 
 
Со ова се заокружува процесот на воспоставување на овој систем со трите соседни земји на Република Македонија кои не се дел од Шенген зоната, имајќи предвид дека истиот веќе успешно функционира со Србија и Косово.

Поврзани вести