Skip to main content

Битола летово добива фестивал посветен на чалгијата

Битола летово добива нов фестивал посветен на еден од најпрепознатливите звуци на старото градско живеење – чалгијата.

Од 14 до 16 август, Старата битолска чаршија ќе се врати во времето на боемите, пајтоните, староградските носии и чалгиските оркестри. Во организација на Културно-информативниот центар, а во рамките на БИТ ФЕСТ 2026, за првпат ќе се одржат „Битолски Чалгиски Денови“.

Идејата е чаршијата три дена да стане голема жива сцена. Низ нејзините улици ќе се движат седум пајтони со мали чалгиски состави, додека десетина оркестри ќе свират на повеќе локации. Свеченото дефиле ќе започне од Офицерскиот дом и ќе продолжи кон Старата чаршија, со музичари и околу 100 статисти во староградски носии, како реконструкција на некогашната битолска атмосфера.

Во централниот дел на чаршијата, кај Монмартарот, ќе биде создаден и угостителски простор со традиционални кафеани – за музиката, дружбата и боемскиот дух повторно да се спојат онака како некогаш.

🎶 14 август – концерт на Битолскиот чалгиски оркестар на главната сцена.

🎶 15 август – концерт на Оливер Јосифовски и пријателите и официјална промоција на новиот албум „Песни од Офицерски“.

☕ 16 август – фестивалот ќе заврши во утринските часови на Тумбе Кафе со концертот „На кафе со чалгиите“.

Чалгијата во Битола не е само музика. Таа е дел од приказната за градот кој со векови ги впивал влијанијата од Истанбул и Солун, но и од Виена и Париз, создавајќи свој посебен градски звук и култура.

Три дена Битола ќе се обиде повторно да звучи како некогаш.

Со пајтони низ чаршијата, чалгии пред дуќаните, староградски носии и песна до доцна во ноќта.

📍 Стара битолска чаршија

📅 14–16 август 2026

🎵 „Битолски Чалгиски Денови“

🎭 БИТ ФЕСТ 2026

Кога чаршијата пее – Битола си доаѓа на своето

Поврзани вести