
На 10 ноември во 19 часот во Ликовниот салон при Народниот музеј Велес, ќе биде претставена изложбата насловена „Порцеланови луѓе-Развој на индустрискиот дизајн во фабриката за порцелан „Борис Кидрич“ Титов Велес-1954-2003“.
Изложбата е резултат од истоимениот истражувачки проект спроведен во текот на изминатата година од авторите Јасминка Намичева, Филип Фидановски, Јасмина Дамјановска, Екатерина Намичева Тодоровска, соработник Ангел Коруновски. Автор на фотографии е Александра Костадиновска.
Проектот е во организација на Здружението за архитектура, дизајн и култура-Архифакт-Скопје во соработка со ЛУ Народен музеј Велес и Државен Архив на РСМ-подрачна единица Велес. Проектот е подржан од Министерството за култура и туризам на РСМ.
На изложбата преку претставувањето на повеќе од 300 порцелански предмети, дизајнерски скици и цртежи, гипсени модели, калапи , фотографии и мноштво интервјуа со уметниците дизајнери, се обидуваме да рехабилитираме мал дел од огромната производствена продукција на фабриката Југопорцелан од Титов Велес, бидејки таа претставува не само индустриски, туку и културно-уметнички феномен, сведоштво за применетата уметност и за творештвото на дизајнерите-уметници што дејствувале во рамките на овој производствен капацитет. Ги претставуваме уметничките биографии на дизајнерите уметници -Милан Терзовски, Војко Јаневски, Тодор Јорданов, Гавро Петрушевски, Сузана Зафировска, Сута Даева Тодоровска, Благородна Николова и др. кои во периодот од 1955 год. до крајот на 1990тите биле дел од декорното односно покасно од 1971 год.дизајнерско одделение на фабриката.
Отсуството на потпис, на авторско име и поединечна биографија во архивите на индустрискиот дизајн не е само документарна празнина, туку симптом на една поширока културна состојба – на „невидливоста“ што ги следела дизајнерите во индустрискиот систем на социјалистичката епоха, особено во раните педесетти и шеесетти години кога идеологијата на индустрискиот труд ја славела колективната продукција. Идеологијата на индустрискиот труд, која ја афирмираше колективната продукција, зад себе остави скромна документација, а токму тој недостиг денес ја нагласува вредноста на секој пронајден предмет и секое зачувано сведоштво што ја оправдува уште повеќе идејата на авторите на проектот за истражувања врз основа на кои е создадена релевантна колекција на дизајнерски порцелански предмети од продукцијата на Југипорцелан.
Постоењето на „луѓе кои паметат“ нам ни овозможи да ја реализираме целта – да се погрижиме да го зачуваме името и меморијата за фабриката и луѓето кои го оставија забележано своето име меѓу страниците на нејзината историја, кои некогаш функционираа, мечтаеja, се радуваа, тагуваа, да ги направиме бесмртни, да не паднат во заборав. Патот на континуираното пронаоѓање, зачувување и заштитување на меморијата не е лесен, но најважно од сè е да се сеќаваме за да не заборавме. Без сеќавање не постои целосна човечка личност.

Македонски






