Skip to main content

Симулациска вежба за заштита и спасување при непогоди одржана во Гевгелија

Со учество на повеќе од 500 основци, пожарникари од доброволната и професионалната противпожарна единица, како и подружниците на Дирекцијата за заштита и спасување и Црвениот крст за подрачјето на Гевгелија денеска во ООУ „Владо Кантарџиев“ се одржа симулациска вежба за заштита и спасување под мотото „Да ја спасиме иднината“.

Според надлежните, акцијата се реализира успешно, а во рамки на вежбата се спроведени активности за противпожарна заштита, како и евакуација и згрижување на повредени ученици и персонал на безбедно место при земјотрес.

Во акцијата направена е симулација и на пребарување на преживеани под плитки урнатини, како и пружање прва помош и психолошка поддршка.

Ваков тип на активност се организира за прв пат по подолго време, што е од големо значење за превенција, подигнување на свеста и јакнење на подготвеноста за навремена и соодветна реакција во итни ситуации, велат надлежните служби. 

Вежбата е координирана соработка помеѓу повеќе институции: Општина Гевгелија, основното училиште „Владо Кантарџиев“, ТППЕ Гевгелија, ДПД „Свети Спас“, Дирекцијата за заштита и спасување ПО Гевгелија и Црвен крст Гевгелија.

Во наредниот период, вакви симулациски вежби се најавуваат и во останатите училишта, како и во детските градинки на подрачјето на Општина Гевгелија.

Поврзани вести