
Американскиот Стејт департмент ова лето ќе издаде ограничена серија пасоши со ликот на американскиот претседател Доналд Трамп, а поводот е прославата на 250-годишнината од независноста на САД, објавија американските медиуми.
„Фокс њуз“, кој имал ексклузивен увид во дизајнот на новиот пасош, објави дека ликот на Трамп ќе биде на внатрешната страна од корицата. Фотографијата наликува на официјалниот портрет на Трамп од неговиот втор мандат.
Предната страна на пасошот исто така ќе биде малку изменета, каде што зборовите „Соединети Американски Држави“ ќе бидат поставени со малку поголем фонт над грбот на САД.
На задната страна на пасошот ќе биде отпечатено американското знаме со 13 ѕвезди, како што беше првата верзија на американското знаме во 1777 година, како и со бројот 250 помеѓу ѕвездите.
Претставник на Стејт департментот за „Фокс њуз“ изјавил дека пасошот ќе им биде достапен на сите американски граѓани додека траат залихите, но ќе се издава само во канцеларијата за пасоши во Вашингтон.
„Фокс њуз“ пишува дека издавањето пасоши веројатно ќе почне паралелно со низа настани со кои Трамп планира да ја одбележи годишнината од независноста.
Настаните, кои треба да почнат на 25 јуни, вклучуваат Гран при на автомобили на Националниот мол, зелена променада помеѓу Капитол и Споменикот на Линколн и натпревар во мешани боречки вештини (УФЦ) на тревникот на Белата куќа.
Најавениот пасош со ликот на Трамп веќе предизвика бројни остри коментари и потсмев на социјалните мрежи и забелешки дека само автократски владетели и диктатори прават такви работи, пишуваат агенциите.

Македонски



