
Албанија го назначи Италијанецот Роландо Маран за нов селектор на фудбалската репрезентација. Тој доаѓа на местото на Силвињо, чиј договор истече претходно овој месец и не беше продолжен откако тимот не успеа да избори пласман на Светското првенство.
„Убеден сум дека го направивме вистинскиот избор“, изјави претседателот на Фудбалскиот сојуз на Албанија, Арманд Дука.
Маран има речиси 20 години тренерско искуство во елитниот италијански фудбал. Меѓу клубовите што ги водеше се Киево, Каљари и Џенова.
„Ќе го вложам целото мое искуство и целото мое срце на теренот“, порача 61-годишниот стратег.
Силвињо ја предводеше Албанија од јануари 2023 година и успеа да ја однесе селекцијата на Европското првенство 2024. Албанците имаа солидни настапи во квалификациите, но беа елиминирани од Полска во баражот.
Извор: Слободен печат

Македонски


